Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, објави листа со проекти со кои, како што вели, неговата локална самоуправа има аплицирано на повикот на Владата за доделување финансиски средства за реализација на инфраструктурни проекти. Објавата на листата, што Костадинов ја направи на својот фејсбук-профил, доаѓа откако денеска премиерот Христијан Мицкоски при посетата на струмичко Ново Село упати апел до струмичкиот градоначалник да ја искористи можноста за вториот владин повик и да аплицира со проекти. Прво, да му се заблагодарам на претседателот на Владата што ми даде дозвола да ја критикувам работата на Владата. Навистина ми значи, особено во услови кога за цензура во јавниот говор токму тој одлучува. Второ, досега имаме аплицирано со 13 проекти. Тоа што претседателот на Владата сè уште не е информиран за нашите апликации е загрижувачки, особено што надлежниот министер кој треба да го информира стои позади него. Подолу е листата на проекти за кои имаме доставено целосна документација. Сите овие проекти чекаат реализација“, пишува Костадинов во објавата.
Од фотографиите што ги објави Костадинов, може да се види дека апликативниот формулар во Министерството за локална самоуправа е примен на 14 март годинава, а во него се наведени сите 13 проекти за кои се бараат финансиски средства. Повеќето од проектите за кои Општина Струмица аплицира се за изградба на дел од сервисни улици во градот, но има и за изградба на семејни куќи во низа, што ќе бидат наменети за домување за социјално загрозени семејства. Апликативен формулар општината има поднесено и за изведба на основен проект за реконструкција на канал за атмосферски води на улицата „Крушевска република“ и за изведба на филтер-станица во селото Банско. Премиерот Христијан Мицкоски денеска, при посетата на струмичко Ново Село, од каде се гради пешачка и рекреативна патека до Мокриево, што е проект од првиот владин повик, на Костадинов му порача дека не е време за политиканство, туку да се работи.