Скандалозно и неприфатливо е именувањето на Петар Богојески за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, тој има детално документирана историја на навредливо и дискриминаторско однесување и говор на омраза на јавни платформи, наведува потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова. -Неговите коментари се деградирачки, сексистички, дискриминаторски, албанофобни, расистички изрази, што е целосно неприфатливо за носител на каква било функција. Однесувањето на Богојески е во целосна спротивставеност со вредностите на почит, еднаквост и инклузивност, кои се основа на европските образовни програми што ги претставува Агенцијата на чие чело е поставен. Богојески е целосно недоветен и несоодветен за да ја обавува новата функција, уште помалку за да служи како пример за студентите.
Именувањето на ваква контроверзна личност испраќа загрижувачка, но јасна порака за приоритетите на Владата предводена од Мицкоски и ДПМНЕ. Со поставување личност со богата историја на дискриминација, говор на омраза и поделби на чело на Агенција посветена на унапредување на единството и напредокот, Мицкоски и ДПМНЕ го поткопуваат значењето на оваа институција и го загрозуваат секој обид за реално подобрување на состојбите во образованието. Ова именување во целост го отсликува целосното игнорирање на основните европски вредности од страна на Владата. Такво непочитување на основни етички стандарди е неприфатливо за лидери во образованието и јавната служба, наведува Костова. За скандалозната одлука за ова именување, СДСМ писмено ќе ги информира и претставниците на Генералниот Директорат за образование и култура при Европската Комисија, додава потпретседателката Костова. Директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност треба да биде лице кое ги отелотворува принципите на почит, инклузивност и напредок, а не партиски подобен галамџија, кој сиот свој јавен профил го градел на анти-европски и сентименти на омраза и дискриминација.