Максим Димитриевски е еден обичен, бесрамен предавник на сопственото партиско семејство. И она што СДСМ го објави во изминатите два дена – дека Димитриевски, заедно со негов роднина и со поддршка од ДУИ, заработиле 350.000 евра – ќе продолжи да се актуелизира и во наредниот период. Криминалот на Димитриевски е чист пример како не треба да се однесува еден градоначалник: со злоупотреба на службената положба и тргување со влијание и навистина е чудно доколку не реагираат сите официјални институции, рече организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски, во емисијата Дејли клик на ТВ21. Тој се осврна на, како што рече, најголемиот коруптивен скандал во општина Куманово – во организација на градоначалникот Димитриевски и неговиот кум Драган Митевски – кој се случувал пред очите на целата јавност.
Тој потенцираше дека голем број членови на движењето ЗНАМ се враќаат во СДСМ, разочарани од она што се случува, и овој тренд ќе продолжи и во иднина. Костовски се осврна и на предизборните лаги и ветувања на ДПМНЕ, особено што помина една година откако се на власт, а не покажаа апсолутно ништо – ниту, пак, знаат каде ја водат државата. – Поминаа 365 дена од изборите и се покажа дека основните постулати на победата на ВМРО-ДПМНЕ се темелеа на ноторни лаги со кои го доведоа во заблуда целокупното македонско население. Со жалење можам да потенцирам дека оваа власт нема никаква идеја, ниту концепт или поставена траекторија за тоа каде ќе се движи земјата во наредниот период – рече Костовски. Во однос на претстојните локални избори, Костовски потенцираше дека СДСМ е подготвена, а реформата во партијата е на завидно ниво. – Демократскиот вредносен систем што го има оваа партија е докажан. Во моментов траат паралелно анкетите и сондирањата, мерењето на јавното мислење, бидејќи е најбитно да ги најдеме најпозитивните кадровски решенија што можеме да ги понудиме на претстојните избори – потенцираше Костовски.