Дарко Костовски, градоначалник на општина Бутел, гостуваше во ,,Топ тема“, на телевизија Телма. Тој се осврна на темата за зелените површини и спортските терени во општина Бутел. Костовски нагласи дека во текот на својот мандат како градоначалник, инвестирано е во уредување и проширување на зелените површини и спортски терени, со цел подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. ,,Она што можам да го посочам како бројки поврзани со зеленилото, што е фактичка состојба, е тоа дека во овие 3 и пол години, скоро 4, мандат општина Бутел инвестираше во нови 70 илјади м² зеленило, некаде околу 150 милиони денари се вложени директно во зеленило, поточно во се она согласно законот за урбано зеленило што спаѓа под зеленило, а тоа е целото она интензивно одржувано зеленило како пред се паркови, потоа зелени плоштади, спортски терени и детски игралишта“, вели Костовски.
Костовски истакна дека како градоначалник на општина Бутел реализирал значајни проекти, меѓу кои нови паркови во Бутел, Радишани и Расадник, со вкупно над 20.000 м² зеленило, и исчистени околу 30 депонии. ,,Ако ги издвојам само парковите, паркот кој што се изгради покрај реката Серава, која што целосно се уредува и коритото и зеленилото околу неа после 30 години на територија на Општина Бутел, добивме околу 5000 м² зеленило само на оваа територија. Во моментов се гради огромен парк во населба Радишани, на третиот влез, од 10.000 м², во вредност од некаде 20 милиони денари. Имаме еден огромен парк, тој уште на почетокот го направивме во соработка со Град Скопје, во заедничка соработка во населеното место Расадник, исто од 5000 м². Околу 30 депонии на почетокот успеавме да ги исчистиме, и на најголемиот дел од нив веќе да е тоа зелена површина и граѓаните веќе тоа можат да го забележат“, рече Костовски.
Костовски посочи дека проектите реализирани во општината претставуваат пример и динамика кои, според него, можат да ги следат сите општини во Република Македонија. Тој додаде дека до сега се изградени околу 20 спортски терени, а секое населено место доби модерен спортско-рекреативен центар. ,,Покажавме еден пример и динамика на територија на Република Македонија каде што можат буквално да учат сите општини. Изградивме околу 20 спортски терени вкупно и секое населено место доби спортско рекреативен центар. Неколку спортски терени, фудбалско игралиште со зелена трева, игралиште за баскет со посебна подлога, парковски дел“, кажа Костовски. Костовски изјави дека овие територии се зачувуваат и уредуваат за граѓаните да можат долгорочно да ги користат за рекреација. ,,Се со цел овие територии да бидат достапни за граѓаните, да можат да рекреираат, но и на долг рок. Овие простори, кои претходно некој ги гледал како места за нови згради или слично, сега се зачувуваат“, заклучи Костовски.