Во истрагата за трагедијата во клубот „Пулс“ во Кочани опфатени се вкупно 34 физички лица и три правни субјекти и сите се обезбедени од страна на полицијата, информираше денеска државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски. За сите е побарана мерка притвор. Се гонат тие што ги издале лиценците, тие што не контролирале, сопственикот на кабарето, член на бендот ДНК, обезбедувачите кои направиле пропусти и дозволиле да влезат малолетници, но и да се внесе пиротехниката. „Сите осомничени во периодот од 2012 година до 16.03.2025 година, заеднички, но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности, воопшто не постапиле според прописите за мерки за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето и имот од големи размери“, рече Коцевски. Верижните пропусти на одговорните лица, како што рече, довеле до избувнување на пожар како последица на употреба на пиротехнички средства.
„Доколку се обезбедат докази, во истрагата ќе бидат опфатени и други засега неутврдени лица“, рече Коцевски. Тој нагласи дека истрагата не застанува тука, туку ќе продолжи понатаму. Тројца лица се сосопственици или управители. Првиот е закупец каде е лоциран клубот, реален сопственик. Објектот кој имал намена за лесна индустрија, не исполнувал услови да биде кабаре, но осомничените добиле лиценца и организирале угостителски услуги. Сите знаеле дека клубот не ги исполнува условите за угостителска објект. Постои сомнение дека првоосомничениот од 13.02.2024 година до 13.02.2025 година, на службено лице од Министерството за економија дал паричен износ да изврши дејствие кое не смеел да го направи – обезбедил лиценца. Против вработениот во Министерството за економија е поведена постапка и примање на поткуп. Една осомничена е сопственичка и управителка на правно лице, кое направило проект за да може да врши работа – кабаре, иако знаела дека не потојат услови да се пренамени објектот. Проектот во континуитет бил користен за добивање лиценци. Била побарана промена на проектот, а таа без да изврши проверки, ги направила“, рече Коцевски.
Тој нагласи дека од Министерството за економија, осомничени се поранешен министер, поранешен државен секретар, раководител, службено лице, помлад соработник. „Не постапиле според мерките на заштита“, рече Коцевски. Поранешен директор на Пазарен инспекторат и инспектори се исто така осомничени. „Иако биле должни да прават надзор, не ги извршиле своите обврски. Во ниту еден наврат не извршиле контрола на правното лице, за да утврдат дали има важечка лиценца, дали ги исполнува минималните технички услови. Овозможиле кабарето да ја продолжи угостителска дејност“, додаде Коцевски. За тројцата градоначалници од 2012 година до 2025 година, како и ексдиректорите на ДЗС, тој вели дека овозможиле кабарето „Пулс“ да работи спротивно на Законот за угостителска дејност. „Општината примала уплати за надоместок од кабарето“, додаде Коцевски. За обезбедувачите рече дека овозможиле влез на 650 посетители, меѓу кои имало најмалку 31 дете. „Едно лице продавало билети, без да води сметка за возраста, овозможиле влез и присуство на малолетници на настанот. Членовите на обезбедувањето, не спречиле во угостителскиот објект да се внесат експлозивни материи, иако за тоа немале задолжителна дозвола, за да ракуваат со пиротехниката, ниту пак, пиротехниката тоа го дозволувала“, рече Коцевски.