Долга, но многу конструктивна посета и разговор. Вака претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ја оцени средбата која ја имаше денес со македонскиот премиер Христијан Мицкоски. -Јас цврсто верувам дека проширувањето е заедничка цел која ја споделуваме и ова е најдобрата геостратешка инвестиција во мир, стабилност и безбедност што сите можеме да ја направиме. Ја поздравувам одличната работа која што беше завршена од страна на Македонија, од вашата Влада во поглед на реформската агенда и напредокот кој беше постигнат. Мораме да ја искористиме оваа можност да направиме стратешка инвестиција, да ја завршиме, како што се Коридорите 8 и 10. Во текот на нашата средба јас повторив дека иднината на Македонија е во Европската Унија.
Постигнавме поприлично многу досега и дискутиравме за преостанатите чекори кои треба да бидат преземени за да се заврши овој процес, рече Кошта. Претседателот на Европскиот совет го охрабрил Мицкоски да ги вложи свопите напори за понатамошен напредок. -Почитуван Христијан, можете да сметате на нас, на Европската Унија, затоа што ние ви стоиме на располагање, подготвени да ви помогнеме да ја искористите оваа динамика. Клучно е да се продолжи со реформите и да се инвестира во владеењето на правото и во борбата против корупцијата. Сакам да ја уважам вашата усогласеност со нашата заедничка надворешна и безбедносна политика и поддршката за Украина. Верувам дека вашите натамошни ангажмани и на меѓународниот форум ќе ги покаже нашите заеднички вредности, рече Кошта. Кошта оцени дека пристапниот процес е маратон, а не брза трка. Процесот рече е напорен и може да фрустрира, но дека со решеност и напорна работа Македонија ќе успее до крај со заобиколување на пречките.