Претседателот на Европскиот совет потенцира дека проширувањето на ЕУ е најдобра стратешка инвестиција во мир и стабилност и дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ. Северна Македонија заврши многу работа и затоа треба да останете на тој правец. Пристапниот процес е повеќе маратон, а не брза трка, тој е напорен, понекогаш може да фрустрира, како што се случило и со сите претходни кандидати. Сите тие ја постигнаа целта, а секако и вие ќе ја постигнете целта, но со вашата решеност, напорна работа и соработка, ќе успеете на крај со заобиколување на пречките, изјави денеска претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, на заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски.
„Тоа што е договорено е договорено и немаме веќе за што друго да се договораме. Сега треба да се испорача она што сме договориле во 2022 година и нема простор да се бара нешто повеќе, кажа Кошта. Претседателот на Европскиот совет потенцира дека проширувањето на ЕУ е најдобра стратешка инвестиција во мир и стабилност и дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ. „Го охрабрувам премиерот да ги вложи своите напори за да го овозможи натамошниот напредок. Може да сметате на нас, на ЕУ, затоа што ние ви стоиме на располагање подговтвени да ја искористите оваа динамика. Клучно е да се продолжи со реформите и да се инвестира во владеењето на правото и борбата против корупцијата. Сакам да ја уважам и вашата усогласеност со нашата заедничка надворешна и безбедносна политика“, додаде Кошта.
Тој истакна дека овој процес се одвива навистина премногу време и сега е време да се испорачаат резултати, а за тоа треба да се чекори во две димензии. „Рефорсмската агенда и Планот за раст се важни и треба да се конкретизираат инвестициите коридор 8 и 10 кои ќе дадат кокретни резултати за Македонија. Неопходно е да се спроведат одредени реформи и да се испорача тоа што било договорено во 2022 година. Мицкоски знае дека може да смета на мене и ЕУ за да го олесниме сето ова и да отвориме нова страница“, рече тој. Мицкоски кажа дека посветеноста во процесот на евроинтеграции ќе се засили во иднина зашто верува дека иднината на граѓаните е во европското семејство. „Со помошта која лично ја дава Кошта и поддршката која ја имаме од земјите членки, сигурен сум дека ќе направиме квалитетни реформи“, рече тој. На прашање во врска со Бугарија и за тоа, зошто тој не се сретнал со бугарскиот премиер, тој истакна дека додека не види добра волја и испорака од Бугарија, нема отворање на Уставот додека е тој премиер. „Не можеме да менуваме Устав по којзнае кој пат, а да немаме сигнали од другата страна. Неколку пати имам повторено дека додека сум јас претседател на Влада, тоа нема да се случи. Знаеме дека нашиот пат кон пристапниот процес е фрустрирачки, можеби и најмногу од сите земји членки. Процесот треба да биде двонасочна улица. А не ние да испорачуваме, а од другата страна да немаме ништо. За тој интегративен процес ние сменивме и име и повторно сме онаму каде што бевме пред 20 години“, рече Мицкоски. Извор: Новинска агенција МЕТА