Министерот за европски прашања Орхан Муртезани утрово го пречека претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, кој е во посета на земјава. Кошта во моментот е на средба со премиерот Христијан Мицкоски во Владата, по што ќе следи заедничка прес-конференција.
– Утрово, со особена чест, во својство на министер за европски прашања, го пречекав претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој денеска престојува во прва официјална посета на земјата. Заедно се упативме кон Владата на Република Северна Македонија, на билатерална средба со премиерот Христијан Мицкоски, на која ќе се дискутира за унапредување на европската агенда, објави Муртезани на својата Фејсбук страница.
Во разговорот со Кошта, како што додава, имал можност да се увери дека претседателот на Европскиот совет доаѓа со порака на поддршка и охрабрување дека иднината на регионот е во Европската Унија.
– Воедно, во име на Владата ја реафирмирав нашата позиција дека европската интеграција не е само стратешка цел, туку и вредносна определба, додаде Муртезани.
Кошта претходно ги посети Белград и Сараево, а целта на неговата регионална посета е да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот и перспективата на земјите од Западниот Балкан за членство во Унијата.