Српската Алта банка, некогашната ЈУБМЕС банка, е заинтересираниот и можен купувач на Стопанска банка Битола, дознава Фактор од извори во банкарскиот сектор. Нашите истражувања за тоа кој е заинтересиран за Стопанска банка Битола почнаа кога се стартуваше со позначајни блок трансакции со купување на акционерски пакети на Стопанска банка Битола во претходните неколку недели, за кои беше несомнено дека ги продаваат некои од помалите акционери на банката кои располагаа токму со тие пакети, иако не може јасно да се видат бидејќи Централниот депозитар за хартии од бвредност не ги дава акционерските имиња со пакети од под 5 проценти. Која е Алта банката. Според пребарувањата на интернет, може да се види дека станува збор за српска комерцијална и инвестициска банка со седиште во Нови Београд во главниот град на Србија. Основана е во 1979 година како ЈУБМЕС банка, а во 2020 година го смени името во Алта банка по промената на сопственичката структура.
Седиштето на Алта Банката е во Нови Београд. Извршна директорка на таа банка е Уна Сикимиќ. Бројот на филијали кои ги има Алта банката во Србија е девет, а нејзиниот приближен број вработени изнесува 235. На својата веб страница од банката напишале дека Алта банка нуди широк спектар на банкарски услуги за физички и правни лица, вклучувајќи тековни и штедни сметки, платен промет (вклучувајќи и преку Apple Pay), кредити, и тоа потрошувачки, хипотекарни, за реновирање, за ликвидност и инвестиции, потоа електронско и мобилно банкарство, картички, односно Visa, DinaCard (дебитни, кредитни, бизнис), сефови, девизни трансакции, менувачки услуги, како и факторинг, тргување со хартии од вредност, правно и финансиско советување. Во 2024 година нето добивката на Алта банка изнесуваше близу 13 милиони евра. Додека, пак, една година претходно, 2023 година, Алта банка оствари нето добивка од 9,4 милиони евра, што значи дека лани банката имала сериозен раст на добивката во однос на 2023 година. Во 2023 година, пак, во однос на 2022 година, добивката на банката е зголемена значително, бидејќи во 2022 година профитот на Алта банка изнесувал само 450 илјади евра.
Од Алта банка уште и навеле дека активно работат на модернизација и дигитализација на своите услуги, вклучувајќи имплементација на Apple Pay и инсталација на соларни панели на својата централа во Нови Београд, со што 30 отсто од енергетските потреби се покриваат од обновливи извори. Се зборува дека токму Алта банка стои зад берзанските трансакции со Стопанска банка Битола. Имено, на 29 април, поминаа четири блок трансакции со акциите на Стопанска Битола, и тоа еден поголем пакет од 4,97 проценти, и три поситни и тоа 0,35 отсто, 1,59 проценти и 0,24 отсто. Во првиот блок се платени вкупно 1,2 милиони евра, а пакетот од 1,59 отсто доживеа многу повисока цена по акција, највисока досега, односно 5.543 денари, така што платена е вкупна сума од 562 илјади евра. За третиот пакет од 0,35 отсто некој плати вкупен износ од 110 илјади евра, и за четвртиот пакет од 0,24 отсто, платена е вкупна сума од 83 илјади евра. Претходно се продаде пакет од 4,99 отсто од акциите на банката, за износ од 1,5 милиони евра. Ова следуваше откако пред десетина дена се продаде исто толкав пакет за 1,07 милиони евра. На ЦДХВ се уште во Стопанска банка Битола единствен акционер со над 5 проценти е „Пелистерка“, која поседува 16,99 отсто, и која, пак, заедно со неа блиската фирма „Тимох“, непосредно контролира 21,85 отсто од акционерскиот капитал.