Во светот на филмската индустрија последните недели само розовиот тајфун наречен „Барби“ успеа да привлече поголемо внимание од најавеното ремек-дело, за „таткото“ на атомската бомба на режисерот Кристофер Нолан, пишува српски „Јуроњус“.
Филмот „Опенхајмер“ е заснован на книгата „Американски Прометеј: Триумфот и трагедијата на Џ. Роберт Опхајмер“, која ја доби Пулицеровата награда, напишана од Каи Берд и покојниот Мартин Џеј Шервин.
Но, кој е навистина Роберт Опенхајмер?
Роберт Опенхајмер е роден во Њујорк на 22 април 1904 година. Неговите родители биле Евреи, по потекло од Германија, кои емигрирале во Америка на крајот на 19 век. Семејството стекнало големо богатство во Њујорк, па на младиот Роберт му била дадена можност да студира хемија на Харвард.
Подоцна, тој почнува да се фокусира на физиката и по додипломските студии, го продолжува своето образование на Кембриџ и Универзитетот во Гетинген во Германија. Тој бил ученик на Макс Борн, еден од клучните физичари во областа на квантната механика и пријател на големи имиња како Вернер Хајзенберг, Волфганг Паули и Пол Дирак.
Докторирал во Гетинген во 1927 година, кога имал само 23 години. По студиите, тој станува успешен физичар, кој работел на многу универзитети во Европа и Америка заедно со големи имиња во областа на физиката, како Алберт Ајнштајн.
Во 1930-тите, Опенхајмер станува свесен за заканата од нацистичка Германија, а по 1934 година, издвоил три проценти од својата плата за да им помогне на германските физичари да ја напуштат земјата. Бил поврзан и со комунистички мислители, поради што имал досие до Федералното истражно биро на САД.
Најзначајниот период во неговиот живот започнал на 9 октомври 1941 година, кога тогашниот претседател Френклин Д. Рузвелт ја започнал програмата за развој на атомска бомба, два месеци пред САД да влезе во Втората светска војна. Во септември следната година, Опенхајмер се приклучил на таканаречениот проект „Менхетен“ и се нашол на чело на тимот научници кои ја развивале атомската бомба во Лос Аламос.
Првата нуклеарна експлозија се случила на 16 јули 1945 година, во која тој го дал името „Тринити“ односно „Троица“, по стих од санскритскиот текст „Багавад Гита“ со кој всушност бил опседнат.
Бил заинтригиран од мистицизмот и читал древни индиски текстови, па од истиот извор е преземена и неговата позната изјава „Јас станувам Смрт, уништувач на световите“.
Опенхајмер набрзо станал свесен за сериозноста на она што го создал. Само еден месец подоцна, атомски бомби биле фрлени врз јапонските градови Хирошима и Нагасаки, при што загинале меѓу 129.000 и 226.000 луѓе. Овој трагичен историски настан го направил познат ширум светот, а бил интервјуиран и за магазинот „Life“.
Тој продолжил да работи како консултант на американската влада за нуклеарно оружје, но постојано предупредувал за нивната разорна моќ. Во еден говор од 1953 година, ги споредил нуклеарните способности на САД и Советскиот Сојуз како „две скорпии во шише, од кои секоја може да ја убие другата по цена на својот живот“.
По тој говор, администраторот на Комисијата за атомска енергија Луи Штраус му рекол на Опенхајмер дека му е одземено безбедносното одобрение и му побарал оставка.
Научникот го одбил ова барање и инсистирал да се брани, но на јавната расправа го изгубил случајот и доживеал големо понижување. Многу извори наведуваат дека тој никогаш не се опоравил од овој инцидент.