Граѓанската иницијатива „Кој е следен“ за во сабота, 29 март, во 11 часот најавува нов протестен собир, овојпат пред Собранието. „Кога тие ги пакуваат куферите, ние ја полниме улицата. Кога тие заминуваат на одмор, ние доаѓаме пред Собранието. Не затоа што немаме што да правиме. Туку затоа што имаме што да кажеме. Зошто се собираме пред Собранието? Затоа што не молчиме. Затоа што имаме барања што не може да чекаат. Затоа што демократијата не оди на одмор“, се наведува во најавата.
Како што додаваат настанот ќе биде поделен во два дела. Во првиот дел ќе бидат презентирани барањата на движењето во целост, а во вториот дел, како што додаваат, микрофонот ќе биде отворен за секој граѓанин кој сака да го изнесе своето мислење околу барањата или да сподели свој став за актуелната состојба. „Граѓаните ќе зборуваат. Ќе критикуваат. Ќе поддржуваат. Ќе го кажат тоа што предолго тлее. Ова е простор за гласот што не сакаат да го слушаат. Ова е твојот простор. Наш простор. Се гледаме пред Собрание. Настанот ќе трае додека има граѓани што сакаат да бидат слушнати. Ако имаш што да кажеш – подготви го дома и кажи го пред сите. Не чекај да те повикаат. Нека ова биде твојот повик!“, велат од иницијативата „Кој е следен“.