„Денес, на лажни профили и преку пропагандни медиуми, беа објавени видео-снимки со цел да ја поврзат нашата иницијатива „Кој е следен?“ со еден онлајн разговор помеѓу група студенти и девојка од Србија. Ве известуваме дека нашата иницијатива нема никаква поврзаност со тој повик, ниту сме биле вклучени во какви било разговори за формирање на нови студентски организации. Доволно е да се погледне самата снимка – името „Кој е следен?“ не се споменува ниту еднаш, а нашето лого е аматерски и намерно вметнато во аголот на видеото“ соопштија од иницијативата „Кој е следен“. Оттаму велат „Нашата иницијатива е граѓанска и како таква нема намера да се вклучи во студентското организирање, ниту да го инструментализира. Студенти, веруваме во вашата способност да се оградите од партиски и надворешни влијанија.
Овие обиди за оцрнување се уште еден доказ дека политичката елита се плаши од автентичното граѓанско незадоволство. Наместо да одговорат на барањата за правда, одговорност и безбедност, тие се служат со провидни манипулации, лажни вести и медиумски спинови“. „Притисоците од лажни профили, пропагандни медиуми, како и од полициски и параполициски структури, само дополнително ќе ја зајакнат нашата волја. Ние не сме поврзани со ниту една политичка партија, и уште поважно – јавно ги осудуваме сите обиди за партизација на „Кој е следен?“. Нашиот револт не е алатка за политички поени, туку повик за достоинствен живот. Оваа сурова пропаганда нема да не замолчи. Нема да дозволиме да се угуши секој млад, независен и слободен глас. Нема да дозволиме елитите да продолжат да не газат! Денес ние сме мета на манипулации и лажни вести“ е ставот на иницијатива „Кој е следен?“