Во повикот од „Кој е следен?“ пишува секој кој ќе присуствува да си понесе столче. Одговорните од Иницијативата „Кој е следен?“ на нивниот профил на Инстаграм ги повикуваат граѓаните на собир пред Собранието во 11 часот. Во повикот пишува секој да си понесе столче. „Кога тие ги пакуваат куферите, ние ја полниме улицата. Кога тие заминуваат на одмор, ние доаѓаме пред Собранието. Не затоа што немаме што да правиме. Туку, затоа што имаме што да кажеме. Зошто се собираме пред Собранието? Затоа што не молчиме.
Затоа што имаме барања што не може да чекаат. Затоа што демократијата не оди на одмор“, наведено е во објавата. Оттаму информираат дека настанот ќе биде поделен во два дела. Најпрво ќе се презентираат барањата на оваа Иницијатива, а потоа, во вториот дел, секој граѓанин што ќе сака ќе може на микрофон да го изнесе своето мислење околу барањата или да сподели став за моменталната состојба. „Граѓаните ќе зборуваат, ќе критикуваат, ќе поддржуваат. Ќе го кажат тоа што предолго тлее. Ова е простор за гласот што не сакаат да го слушаат. Се гледаме пред Собрание. Настанот ќе трае додека има граѓани што сакаат да бидат слушнати. Ако имаш што да кажеш — подготви го дома и кажи го пред сите, не чекај да те повикаат. Нека ова биде твојот повик“, пишува во објавата на „Кој е следен?“. Извор: Новинска агенција МЕТА