Небојша Божиноски, Раководител на служба за информациски и комуникациски технологии во Триглав пензиско друштво. По повеќе од 20 години професионален ангажман во банкарскиот сектор, Божиноски го менува својот професионален фокус и определба, и одлучува целосно да се посвети на личниот развој на вештините во сферата на Business Intelligence (BI) сегментите и да успее да пронајде нова професионална пасија во доменот на управувањето со информациските технологии и алатки. А, со тоа, да даде значајна додадена вредност во сферата на дигиталните комуникациски технологии кои денес претставуваат неизоставен дел од секоја развојна стратегија на компаниите.
Неговата определба за личен развој, му ја обезбеди позицијата на раководител на службата за ИТ и комуникациски технологии во Триглав пензиско друштво, каде во последните три години, значително придонесува кон развојот на деловните процеси и компоненти на Друштвото, како од аспект на деловните анализи, така и од аспект на подигнувањето на квалитетот на сите процеси, кои подразбираат беспрекорно корисничко искуство за секој член на пензиските фондови. Од предизвиците со кои Божиноски се соочуваше по промената на професионалниот ангажман, посебно го издвојува процесот на креација и пуштање во употреба на новата Дигитална мобилна апликација на друштвото, која од почетокот на оваа тековна година е активно достапна за сите корисници на мобилни телекомуникациски уреди во Република Македонија.
Како започна твојата кариера во Триглав пензиско друштво и зошто ваква промена во кариерата?Следејќи ги светските трендови и развојот на технологијата, увидов дека со изборот и употребата на соодветни ИТ алатки брзо и ефикасно се олеснуваат секојдневните процеси во работењето на една финансиска институција. Па така, по долги години во банкарскиот сектор, заклучив дека ми е потребен нов професионален предизвик и се одлучив да ги освежам своите компетенции со моментално најчесто користените ИТ алатки за обработка на податоци – „Data analytics“ и „Data Sciense“, кои денес се неизоставен дел од финансиските анализи во современиот деловен свет, а некако природно се надоврзаа кон моето претходно образование и работно искуство. Фактот што, за добар BI аналитичар, покрај програмскиот јазик за изработка на анализите и ИТ алатките кои го овозможуваат тоа, потребно е и солидно познавање од областа на финансиите создаде комбинација која идеално се вклопи кај мене. Триглав пензиско друштво е компанија која ги следи трендовите во дигитализацијата и имплементацијата на ИТ решенија и алатки кои го олеснуваат секојдневното работење.
Дополнително, од страна на раководството ми беше укажана доверба и ми беше дадена можност да го имплементирам принципот на „Business Intelligence (BI)“ анализа во процесите, што беше пресудно за мојот избор за понатамошниот професионален развој. Позитивниот ефект врз донесувањето на одлуки и следењето на резултатите на работењето со примена на „Data analytics“и „Data Sciense“ и изработка на BI анализи ме инспирира и понатаму редовно да ги следам најновите ИТ достигнувања и нивната примена, пред сѐ во делот на финансиите. Кои се најголемите проблеми и предизвици со кои се соочуваш во ИТ опкружувањето како BI аналитичар? ИТ индустријата во Македонија има значителен потенцијал, особено изминатиов период во кој оваа професионална гранка има земено голем замав, претежно од страна на многу млади професионалци кои сакаат да ја изучуваат и да ја одберат како професија. Но, како што се зголемува примената и обемот, така и оваа индустрија се соочува со предизвици кои влијаат врз нејзиниот натамошен раст и развој. Индивидуално, како одговорно лице за ИКТ во Триглав пензиско друштво, особено сум засегнат од квалитетот и интеграцијата на податоците кои доаѓаат од различни извори, често неконзистентни, некомплетни или неформатирани, како и некоординирани меѓусебно.
Друг предизвик со кој често се соочуваме како BI аналитичари, се кратките рокови и приоритетите во извршувањето на анализите, па оттука потребно е балансирање помеѓу итни и важни задачи, без да се жртвува квалитетот на секоја од нив. Во делот на Безбедноста и заштитата на податоците, се соочуваме со сè повеќе регулативи (како GDPR, DORA) кои наложуваат строги правила, па поради тоа е потребно усогласување на сите решенија со новите/ажурирани политики за информатичка безбедност на Друштвото. Скалабилноста и автоматизацијата, односно рачните процеси одземаат време, па се насочуваме кон изградба на автоматизирани ETL процеси, Refresh на извештаи, оптимизација на DAX формули и слично.
Која беше најголемата стратегиска одлука што се донесе при лансирањето и развојот на мобилната апликацијата – и како таа влијаеше на крајниот производ? Најголемата стратегиска одлука според која се водевме при развојот и лансирањето на мобилната апликација, беше фокусот на корисничкото искуство, или парафразирано низ речникот на моите колеги од секторот за грижа за членство, секој член и нејзин корисник, да биде на прво место. Таа стратегиска одлука, наметна една различна техничка платформа, која пред сѐ поаѓаше од неопходноста да се изгради и дизајнира една едноставна, интуитивна и транспарентна апликација, која ќе им овозможи на корисниците лесен и едноставен пристап до индивидуалните пензиски сметки во реално време и која покрај информациите за тековниот износ на пензиските заштеди, ќе обезбеди и други поволности поврзани со корисничките потреби и искуства на секој наш член. Оттука, постулатите кои постојано беа во фокусот при реализацијата на овој комплексен процес, се засноваа на следното:
o Технологија – избравме компатибилна и докажана платформа која нуди безброј можности за понатамошно надградување.
o Безбедност – имплементиравме највисоки стандарди за заштита на личните податоци и сигурноста на трансакциите на секој член поединечно.
o Достапност – мобилната апликација е оптимизирана за различни уреди и оперативни системи, со цел поширока употреба. Истата е достапна и на платформата на Google Play Store и на App Store.
o Едноставност – едноставната инсталација на сите паметни мобилни уреди, и леснотијата на користењето, овозможуваат увид во состојбите на пензиските сметки во задолжителниот и во доброволниот пензиски фонд на Триглав, со прикази на податоци за вкупно уплатени средства, вкупен нето прилив на индивидуалната сметка, вредноста на сметководствените единици, како и сите промени кои ги отсликуваат приносите од управувањето со средствата на фондовите. Сѐ ова, во реално време.
Со тоа, можам да заклучам, дека лансирањето на оваа алатка е само еден мал но значаен чекор во реализацијата на стратегиската определба на Триглав Пензиско Друштво, преку иновативни, дигитални и едноставни решенија, да обезбеди олеснета и непосредна комуникација со членовите, да придонесе кон нивната едукација и свесност за пензиското штедење, и да понуди додадена вредност на пазарот на капитално финансирано пензиско осигурување. Што претставуваше најголем предизвик во процесот апликацијата да биде безбедна и доверлива за корисниците? Безбедноста на податоците е еден од основните и најбитни постулати при развивањето на нови апликации или алатки. Секој член на пензиски фонд со кој управува Триглав пензиско друштво, веќе има свое корисничко име и лозинка за најава, со кои може online да си ја следи состојбата на својата пензиска заштеда на порталот на друштвото https://www.triglavpenzisko.mk/mk/za-nas, во сегментот или делот на „Моја Сметка“ или на https://portal.triglavpenzisko.mk/triglav-web/login/.
Ова решение е системско и истото генерира корисничко име и системска лична лозинка за секој нов член поединечно. Мобилната апликација на Триглав пензиско друштво е директно интегрирана со веб сервисите и дата центарот, овозможувајќи им автентикација и целосен приказ на информациите за секој корисник, односно да имаат лесен, едноставен и брз пристап до нивните информации во реално време. За користење на мобилната апликација, членовите може да се најават со истото корисничко име и лозинка кои ги имаат добиено од наша страна, а се достапни и во „Зелениот плик“ односно годишниот извештај за пензиска заштеда, а потоа генерираат своја лична лозинка со која ќе може понатаму да се најавуваат за пристап до личната заштеда. Исто така, за дополнително подигнување на безбедноста, овозможени се и автентикација со пин код од 4 цифри, кој секој член сам го генерира по сопствен избор, а тука е и можноста за биометриска автентикација за најава на апликацијата. Како сте задоволни од приемот на апликацијата од членството, и дали имате иницијален фидбек од страна на корисниците во врска со нејзиниот „квалитет“? Можам да истакнам дека сме задоволни од иницијалниот интерес за апликацијата, а за што се потврда, преку од 1.000 преземања или “downloads” на апликацијата на двете мобилни платформи, и тоа за неполни два месеци од нејзиното пуштање во активна употреба. Ако на тоа се надодаде и фактот, дека за целиот период од нејзиното активно функционирање, имаме регистрирано не повеќе од десетина нотификации за поплаки или технички недостатоци, можеме со задоволство да констатираме дека оваа фаза од дигиталниот развој на корисничките искуства кои ги нуди Триглав Пензиско, е успешно завршена.
Кои се плановите за – има ли нови проекти на повидок? Од аспект на она што е сработено, планираме активно да работиме на понатамошно унапредување, развој и одржување на сите дигитални алатки кои се дел од понудата на Триглав Пензиско друштво. Со тоа, посебен фокус ќе ставиме на континуираното подобрување на корисничките искуства и потреби, особено во доменот на транспарентноста, информираноста и развојот на свеста за пензискиот систем воопшто. Дополнително, ќе се стремиме кон промоција и популаризација на овој систем, кој покрај основните придобивки за членството, во својата суштина, значајно придонесува во процесите на грижа и заштита на човековата околина. Како за илустрација, нашата тенденција, во периодот од следниот 3 годишен деловен циклус, повеќе од 50% од вкупното членство, зелениот плик да го замени со дигитален. Со тоа, ќе дадеме значаен придонес кон намалувањето на јаглеродниот отпечаток што и ние како друштво, а и групацијата Триглав го има поставено како една од стратешките цели на среден и долг рок.
Од аспект на останатите активности во сферата на професионалниот и личниот развој, повеќе од јасна е личната определба, редовно ги следам најновите техничко-технолошки достигнувања во светот, анализирајќи при тоа кои од нив се применливи за нашето Друштво и кои би биле бенефитите од нивната имплементација. Севкупно, а во насока на сѐ што кажав претходно, понатамошната дигитализација на сите работни процеси, секогаш ќе биде приоритет и во наредниот период, посебно во сферата на автоматизирање на работните процеси преку системот RPA (Robotic Process Automation), со што лично сметам, дека ќе го подигнеме степенот на ефикасност, и пред сѐ на ефективност, во извршувањето на нашата фидуцијарна должност како колектив и како друштво. Секако, сѐ тоа во насока на реална и доследна понуда на конкретна додадена вредност за секоја наш член, вработен и чинител во системот на капитално финансирано пензиско осигурување.