По повод сообраќајката на „Партизанска“ во Скопје, по која животот го загуби 22-годишната Фросина од Неготино, откако таа беше прегазена од 20-годишниот В.Ј. денеска се огласија од Основен кривичен суд Скопје. „Во однос на повеќе новинарски прашања поврзани со сообраќајната несреќа на булеварот Партизански одреди во која едно лице го загуби животот, ја информираме јавноста дека Судија на претходна постапка во текот на вчерашниот ден, по произнесување на Јавниот обвинител и осомничениот В.Ј., го прифати предлогот и на обвинетиот му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од чл. 165. Ст.1. т.1, 2 и 3 односно Опасност од бегство, Попречување на истрагата со влијание врз сведоци и опасност да го повтори делото.
Согласно евиденцијата на судот истиот не бил осудуван за друго кривично дело и не се водела друга постапка за други кривични дела. Исто така до овој момент до судот не е процесуирана друга кривична пријава, ниту пак прекршочна пријава од областа на Сообраќајот, а лицето е евидентиран, единствено како малолетник во 2021 година кога му е изречена судска опомена заради нарушување јавен ред и мир.
Како суд, изразуваме жалење за загубата на млад човечки живот. Но, имајќи го предвид сето погоре наведено, нејасна е конекцијата кој се создава во јавноста за кривичен предмет кој во прв степен е завршен со Заводска мерка на одредено лице за едно кривично дело, со друго кривично дело кое е сторено 7 месеци потоа. Дали некој во правосудниот систем можел да претпостави дека обвинетиот после 7 месеци од донесената пресуда со која истиот треба да се институцијализира, може да стори друго кривично дело, па заради тоа требало да биде задржан во притвор. Законите во нашата земја како и Меѓународните конвенции за човекови права тоа не го дозволуваат. Дали за системскиот проблем со црните сообраќајни точки, каде не ретко се случуваат сообраќајни несреќи, вината е на судството, ако се има предвид било кој граѓанин кој претходно не бил во судир со Законите, може да предизвика сообраќајна несреќа со жртва заради недозволена брзина, управување под дејство на алкохол и не поседување возачка дозвола. Станува збор за општествен проблем“ се вели во соопштението на Основен кривичен суд Скопје.