Кривична пријава за даночно затајување
Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против И.И.(63) од с.Арачиново, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување ” по член 279 од Кривичниот законик. Пријавениот, во текот на 2020 година преку сопствената банкарска трансакциска сметка во вкупно 18 наврати реализирал прилив на парични средства во вкупен износ од 4.837.240 денари, за кои до Управата за јавни приходи не пријавил и не платил данок на личен доход во износ од 10% или 483.724 денари и за тој износ го оштетил Буџетот на Република Северна Македонија.
Приведен криминалец осуден на шест години и 10 месеци казна затвор
На 19.04.2023 во 18.40 часот на бул.„Видое Смилевски Бато“ во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје го лишиле од слобода М.Ч.(43) од Скопје. Тој бил осуден на шест години и 10 месеци казна затвор за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ по член 215 и „разбојништво“ по член 237 од Кривичниот законик, а бил баран по централна потерница врз основа на наредба од Казнено-поправната установа Затвор Идризово за доиздржување на една година и 10 месеци од казната.Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Идризово за доиздржување на казната.