Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднела кривична пријава против Ж.Т. во својство на помошник министер во Министерството за внатрешни работи и против А.С. во својство на раководител на Сектор за набавки, менаџмент и логистика во Министерството за внатрешни работи поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 ст.4 вв ст.1, од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.
– Второпријавената А. С. во својство на началник на Секторот за набавки, менаџмент и логистика при Министерството за внатрешни работи на РСМ чија должност била да ги спроведува одлуките донесени од помошник министерот, истата иако била должна да задолжи лице кое ќе објави оглас за јавна набавка од отворена постапка, не го сторила тоа и на тој начин не овозможила на други заинтересирани економски оператори да учествуваат во истата постапка, врз основа на што првопријавениот Ж. Т. склучил рамковна спогодба по итна постапка со преговарање без објавување на оглас на кој начин првопријавениот заедно со второпријавената овозможиле противправна имотна корист за носителите на набавката Коп Компани ДООЕЛ Скопје, Пржо Автокомплекс ДООЕЛ Битола, Аутомакедонија АД Скопје, ДТУ Авто сервис Раде ДООЕЛ увоз-извоз с. Теарце Тетово и МИ – ДА Гранд Моторс ДОО Скопје, по 9.440.000,00 денари поединечно за секој правен субјект односно вкупен износ од 47.200.000,00 денари со ДДВ, се наведува во соопштението од Управата за финансиска полиција.