Алијанса за Албанците, крилото на Арбен Таравари, соопшти дека донеле резолуција за трагедијата во Кочани и неопходноста од институционална одговорност. Соопштението во целост: “Имајќи ја предвид тешката трагедија што се случи во раните утрински часови на 16 март 2025 година во градот Кочани, каде што, како резултат на разорен пожар, животот го загубија 60 граѓани, а над 150 беа повредени. Констатирајќи сериозни пропусти на надлежните институции во примената и обезбедувањето на стандардите за лиценцирање, безбедност и инспекциски и полициски надзор, Изразувајќи најискрено сочувство до семејствата на жртвите и посакувајќи брзо закрепнување на повредените.
РЕЗОЛУЦИЈА
1. Се бара спроведување на целосна, независна и транспарентна истрага за трагедијата во Кочани, под раководство на надлежните институции, ослободени од секакво политичко влијание, со обврска за редовно и јавно информирање на граѓаните за текот и наодите од истрагата. 2. Се бара повторно отворање на истрагите за претходните трагедии – Дурмо Турс, Беса Транс и модуларната болница во Тетово – во кои животот го загубија вкупно 135 граѓани, и за кои сè уште не е утврдена ниту институционална, ниту индивидуална одговорност. 3. Се бара јасна идентификација и утврдување на одговорноста, и индивидуална и институционална, преку длабинска анализа на причините за системските пропусти, адресирајќи ја негрижата, неспособноста и корумпираните практики. 4. Се потенцира неопходноста од зајакнување на транспарентноста и отчетноста, преку објавување на инспекциските постапки, контролни извештаи и редовно и достапно споделување на податоци со јавноста. 5. Се бара детална проверка на имотот и интересите на сите одговорни функционери и инспектори, со цел откривање на евентуален судир на интереси или можни коруптивни врски со инспектираните субјекти. 6. Се препорачува спроведување на вонреден надзор во сите објекти со висок ризик, во согласност со меѓународните безбедносни стандарди, особено во секторите за угостителство, здравство, образование, спорт, транспорт и градежништво. 7. Се бара итна реформа на казнената политика, што ќе обезбеди правични, строги и спроведливи санкции за сите оние кои, преку свои дејствија или пропусти, придонеле до случување на вакви трагедии. 8. Се инсистира на итна и целосна примена на сите антикорупциски препораки дадени од Комисијата за антикорупција и Државниот завод за ревизија, без одлагање, одстапување или селективност. Собранието на Алијансата за Албанците повторно ја потврдува уверувањето дека трагедијата во Кочани не смее да се сведува на болна статистика, туку мора да послужи како пресвртница во градењето на нова култура на одговорност, безбедност и владеење на правото во Република Северна Македонија.