36-годишен кумановец ќе одговара за напад на службено лице откако им се нафрли на полицајци, а се обидел и да ги избоде со нож, соопшти МВР. Кривична пријава добија уште двајца жители на градот, кои ги попречувале полицајците во работата. „СВР Куманово поднесе кривична пријава против А.М.(36) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“ и против Џ.Ш.(57) и С.М.(31), сите од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“.
На 20.03.2025 во Куманово, првопријавениот физички нападнал полициски службеници кои вршеле службени дејствија, а се обидел да употреби и остар предмет. Второпријавениот и третопријавената ги попречувале полициските службеници при извршување на службените задачи“, пишува во полициското соопштение.