Во моментот, на пазарите табла со големина „Л“ може да се најде и по цена од 140 денари (4,6 денари за едно јајце), а во маркетите пакување од десет јајца чини 60 денари (нивната цена за Велигден беше 77 денари). Живинарите брифираат дека од пред велигденските празници во земјава има огромен увоз на јајца, најмногу од Србија, но и од Албанија
Намалената побарувачка, енормниот увоз, но и зголемените субвенции за заклана несилка, предизвикаа лавина од јајца на домашниот пазар по Велигден и тие според претставниците од повеќе живинарски фарми се причината за наглиот пад на цената на овие производи на пазарот. Во моментот, на пазарите табла со големина „Л“ може да се најде и по цена од 140 денари (4,6 денари за едно јајце), а во маркетите пакување од десет јајца чини 60 денари (нивната цена за Велигден беше 77 денари). На некои од пазарите во внатрешноста јајцата се нудат и по цена од 3,9 до 4,4 денари, што е намалување од повеќе од 50 отсто за истите производи за само две недели.

Живинарите брифираат дека од пред велигденските празници во земјава има огромен увоз на јајца, најмногу од Србија, но и од Албанија. Тие велат дека не е можно едно јајце на пазар да чини 4,5 денари, ако тоа од фармата излегува со производна цена од 5,5 денари! Неофицијалните муабети се дека и до кај нас стигнале јајца од Украина, кои веќе го преплавија бугарскиот и грчкиот пазар и дека се нудат по фрапантно ниска цена од 1,5 денари за парче!?
– Нешто чудно се случува на пазарот. Од пред две недели сме преплавени со увоз од околните земји, а сето тоа ја урна цената на домашното производство. И претходните години се увезуваа јајца од Србија, ама сега станува многу сериозно.
Во моментот производната цена во која се вградени трошоците за храна, работната рака и амбалажа е 5,5 денари, а се нудат јајца и по 3,5, 4 и 4,5 денари. Се надеваме дека ваквата ситуација нема да трае долг период, оти во спротивно ни се заканува колапс.
Државата мора да поведе сметка да го заштити домашното производство, оти вака не се работи – велат од битолската фарма „Бели Мост“ за „Слободен печат“.
Од живинарската фарма „Домашно јајце“ од Гевгелија за нашиот весник објаснуваат дека една од причината за ниската цена на јајцата е зголеменото домашно производство и намалената побарувачка. Причините исто така треба да се бараат и во фактот дека годинава добиле зголемени субвенции од 120 на 150 денари за заклана несилка.
– Јајцата станаа берзански производ. Но и фармите го зголемија бројот на несилки поради субвенциите. Така, оние што имаа 20, сега имаат 50 илјади кокошки, а побарувачката е сè помала. Увозот од Србија е редовен.
По две години, се зголеми и извозот на бугарски јајца и тие ни станаа конкуренција на грчкиот пазар, каде што пак ние ги истиснавме во изминатиот период. Производството и извозот се циклични.
Годинава и Велигден задоцни, имаше многу слободни денови и повеќе граѓани заминаа во странство, затоа продавниците не продадоа голем дел од јајцата – ни рекоа во оваа живинарска фарма.
И од скопската „Фреш фарм“ се согласуваат дека кога има зголемена понуда, цената паѓа, и обратно, но оттаму акцентираат дека има енормен увоз на овие производи, особено од Србија.
– Увозот не е спорен, ние мора да ги почитуваме правилата на Договорот ЦЕФТА, но надвор од секоја логика е производната цена на јајцата да е пониска од малопродажната. Домашното производство се повлекува пред овој невиден бран, а немаме никаква заштита. Од Велигден, наваму, цените вртоглаво се намалуваат, што укажува на неусогласеност на понудата и побарувачката, но и дека не се води сметка кој, како и по кои цени увезува јајца во земјава – додаваат од „Фреш фарм“.
Имаме и можеме да произведеме доволно домашни јајца
Бројката на несилки кокошки во земјава варира од 800 илјади до 1 милион, а годишното производство на јајца е околу 180 милиони парчиња.
Во земјава има околу десет големи фарми (кои чуваат околу 37 проценти од вкупниот број на несилки) и многу средни фарми во фамилијарна сопственост (кои одгледуваат околу 63 проценти од несилките), како и домашна живина. Живинарите се согласуваат дека имаме можности да произведеме доволно за да ги покриеме потребите на домашниот пазар.
Цената на јајцата постојано растеше од почетокот на 2022 година до октомври 2023 година, кој во одредени месеци повисоки вредности и над 30 проценти, што главно се должеше на зголемувањето на трошоците на производителите предизвикано од енергетската криза.
Статистичките податоци покажуваат дека во март годинава во однос на претходниот месец има пораст од 2,3 проценти на цените на производите од групата млеко, сирење и јајца, а растот во однос на цела 2023 година изнесувал 2,6 проценти.