Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го пофали американскиот претседател Доналд Трамп, велејќи дека тој го разбира конфликтот во Украина подобро од другите западни лидери.
„Кога зборуваме за елиминирање на основните причини за секој конфликт, вклучувајќи го и украинскиот, тоа е единствениот начин да се реши проблемот и да се воспостави траен мир. Решете ги основните причини“, рече Лавров на Дипломатскиот форум во Анталија, јужна Турција „Претседателот Трамп беше првиот и досега мислам дека единствениот меѓу западните лидери, кој постојано, со убедување, неколкупати кажа дека е огромна грешка да се приближи Украина до НАТО. И тоа е една од основните причини, како што кажавме многупати“, рече Лавров.
Рускиот претседател Владимир Путин, кој ја започна инвазијата на Украина во февруари 2022 година, рече дека приближувањето на Украина со Западот, вклучително и нејзината желба да се приклучи на НАТО, е закана за Русија. Коментирајќи го договорот меѓу Украина и Русија за паузирање на меѓусебните напади врз енергетската инфраструктура, Лавров рече дека Москва го почитува своето ветување и го обвини Киев дека речиси секој ден ја напаѓа руската енергетска инфраструктура. „Им дадов на нашите колеги од Турција, министерот Фидан, она што им го дадовме на Американците, ОН, ОБСЕ – список со факти што ги наведува украинските напади врз руската енергетска инфраструктура во последните три недели“, рече тој.