Проруските пропагандисти ја фалат победата на Лукашенко на изборите во Белорусија, премолчувајќи притоа дека тој авторитарно владее 30 години, а неговите критичари се затворени, убиени или прогонети. Неговите противкандидати на изборите беа негови пиони, а такви беа и набљудувачите дојдени од недемократски земји како Иран, Мјанмар, Зимбабве и Туркменистан. Пропагандистите тврдат и дека Лукашенко е патриот, но тој ја претвори Белорусија во руска губернија и тој скоро никогаш не говори на белорускиот јазик, кого систематски го потиснува. Проруските пропагандисти ја фалат победата на Лукашенко на изборите во Белорусија, премолчувајќи притоа дека тој авторитарно владее 30 години, а неговите критичари се затворени, убиени или прогонети. Неговите противкандидати на изборите беа негови пиони, а такви беа и набљудувачите дојдени од недемократски земји како Иран, Мјанмар, Зимбабве и Туркменистан. Пропагандистите тврдат и дека Лукашенко е патриот, но тој ја претвори Белорусија во руска губернија и тој скоро никогаш не говори на белорускиот јазик, кого систематски го потиснува, пишува Вистиномер во написот кој го пренесуваме во целост.
Наративите за „победата“ на Лукашенко и нивно разобличување. Белорускиот диктатор Александар Лукашенко си обезбеди дури седми мандат на претседателските „избори“ на 26.1.2025 г., а проруските пропагандисти кај нас, па и оние во соседна Србија, сега ја слават таа „победа“, но ќе објасниме на што таа се должи. Српските Новости јавија дека Лукашенко „убедливо победил“, што, всушност, го презеле од Спутник, а ние пишувавме за пропагандистичкиот карактер на таквите руски медиуми. За „убедлива победа“ јави и српската Happy TV, која по тој повод го покани белорускиот амбасадор Сергеј Малиновски, што тој го искористи за пропаганда. Според српската Политика, победата на Лукашенко била и „повеќе од убедлива“, а со свој твит неа ја слави и пропагандистот Марио Бојиќ. Пофалби за Лукашенко има и на Youtube каналот Балкан инфо: тука, тука, тука и тука. Да издвоиме и една објава на македонски, која ги најавила изборите, а по нивното завршување била дополнета со изборните резултати, па да прокоментираме некои цитати од неа: Разбирливо, најголеми шанси да победи има сегашниот претседател Александар Лукашенко и тоа воопшто не е спорно. Како што се очекуваше, Александар Лукашенко повторно е избран за претседател на Белорусија и тоа со огромно мнозинство гласови. Таа „победа“ е и тоа како спорна. Лукашенко авторитарно владее 30 години, а неговите критичари се затворени, убиени или прогонети. Најилустративен пример за тоа видовме на 23.5.2021 г., кога Белорусија принуди патнички авион, кој леташе над неа на релација Атина-Вилњус, да слета во Минск, што беше лажно оправдано со „опасност од подметната бомба“, а целта беше да се уапси опозиционерот Роман Протасевич, кој беше на тој лет. Лукашенко си го преправи уставот за неограничено да владее, а сомничен е и за убиства како она на ексминистерот за внатрешни работи Јуриј Захаранка, политичарот Виктар Ханчар, бизнисменот Анатољ Красоуски и новинарите Ѕимитриј Завадски и Алех Бјабебин. Зад многу од тие убиства наводно стои командирот на специјалната полиција Ѕимитриј Пауличенка. Белорусија е една од државите со најмногу новинари в затвор, а таа ја цензурира и културата и уметноста. Во Централната изборна комисија на Белорусија се регистрирани пет претседателски кандидати, пишува во објавата.
Тие противкандидати служеа само „за украс“. Главниот меѓу нив, комунистот Сјархеј Сиранкоу, е послушник на Лукашенко, а таков е и Аљех Хајдукјевич, бивш потполковник на репресивната полиција на Лукашенко и кандидат на т.н. Либерал-демократска партија, која и не е либерална и демократска. Кандидат беше и Аљаксандр Хижњак, повторно послушник на Лукашенко, а само Хана Канапацкаја наликуваше на опозиционерка, но некои се сомневаат во неа, затоа што е млака кон режимот и повеќе се кара со другите опозиционери отколку со него (извори: тука и тука). ОБСЕ иако беа поканети, не испратија свои набљудувачи, се вели во објавата. Тоа не е баш точно. На 9.1.2025 г. ОБСЕ се пожалија дека не добиле покана, а по 18 дена Белорусите јавија дека ја испратиле. ОБСЕ тогаш ја одби поканата, под образложение дека е задоцнета, а со ваквото однесување Белорусија ги прекрши обврските кои ги има како членка на ОБСЕ. Изборите ги набљудуваа 44.000 посматрачи од земјата и 500 од странство, се наведува во објавата. Повеќето странски набљудувачи беа од земји кои имаат добри односи со Лукашенко како Иран, Мјанмар или Зимбабве, но главно беа од бившиот СССР, т.е. од Сојузот на независни држави, кајшто членува и самата Белорусија, како и Русија, Азербејџан, Казахстан, Киргизстан, Узбекистан и Таџикистан. Ни една од тие земји не е репер за демократија, па оценката на тие набљудувачи за изборите е небитна. Од Балканот таму беше Драган Станојевиќ, шеф на српскиот огранок на организацијата Друга Украина на прорускиот колаборационист од таа земја, Виктор Медведчук. Белорусија и Русија канат и проруски пропагандисти од Западот, за тие да глумат „западни стручњаци“, кои „позитивно ги оценуваат“ изборите. Таков беше Хајнц Вемајер од Германско-руското друштво од Витенберг, Германија, кого Лукашенко дури го одликуваше за неговата дејност. Прашање е дали „колективниот Запад“, посебно земјите од ЕУ ќе ги признаат изборите и победата на Лукашенко, или како и пред четири години ќе тврдат дека изборите биле нефер, нерегуларни и наместени само затоа што не победи нивниот кандидат и пак ќе организираат шарени, портакалови, обоени и какви не „револуции“, се тврди во објавата. Наместени избори под репресивен режим не се избори, па негативната реакција на Западот беше на место. Противкандидат на Лукашенко во 2020 г. требаше да биде Сјархеј Циханоуски, но тој беше уапсен. Наместо него се кандидираше неговата сопруга Свјатлана Циханоускаја, но Лукашенко со измама ѝ ја украде победата. Тоа предизвика масовни протести на белоруските граѓани, при што тие беа апсени и подложувани на тортура, а некои од нив платија и со живот како Аљаксандр Тарајкоуски, Раман Бандаренка и Витољд Ашурак.
Циханоускаја побегна во Литванија, која неа ја призна како легитимен лидер на Белорусија, што на Лукашенко му беше оспорено. Таков став зазеде и ЕУ. Лукашенко почна хибридна војна против Литванија, Латвија и Полска, така што им издаваше визи на мигранти од Блискиот Исток и ги пушташе илегално да влегуваат во тие земји, предизвикувајќи со тоа инциденти и дестабилизација. Лукашенко не е белоруски патриот. Чест наратив е дека Лукашенко е некаков патриот, па еве еден коментар од социјалните мрежи со таква содржина, кој по повод неговата изборна „победа“ вели: Лукашенко Белоруски родољубец, и пример за тоа како се штити и чува својата татковина и народ од разноразни белосветски западњачки мешетари. Лукашенко не е патриот, туку тој ја претвори Белорусија во руска губернија и руска нуклеарна база, како и во отскочна штица за руската агресија врз Украина. Тој говори само на руски, а не на белоруски јазик, кого го потиснува и дури го навредува. На белорускиот јазик и патриотизам тој се осврнуваше само кога односите со Москва ќе му се заладеа (кога беше загрижен дека Русија ќе ја заземе Белорусија како Крим и Донбас или дека ќе го собори од власт). Белорусија била под јаремот на руските цареви, кои ја асимилирале и ја преименувале во Северозападен Крај. По распадот на Руската Империја, во 1918 г. се појавила независната Белоруска Народна Република (БНР), но таа била нападната од Советска Русија на Владимир Илич Ленин, кој ја создал Советска Белорусија и ја вклучил во СССР. Владата на БНР се нашла во егзил, кајшто и денес делува, а Лукашенко ја омаловажува таа историја, пропагирајќи носталгија по СССР. Белорускиот јазик во СССР бил признат, но бил перфидно потиснуван со рускиот, па милиони Белоруси не говорат белоруски, што важи и за Лукашенко. На белоруски тој се вика Аљаксандр Лукашенка, а вистинското име на Белорусија е Беларус и бил дел од средновековната источнословенска држава Киевска Рус. Називот Рус дошол од шведските викинзи на војсководецот Рурик, кои биле основачи на таа држава. Врска со неа имаат и Украинците, Русините и Русите, но Русија сака да има монопол над таа историја и територија, што не е оправдано. На пример, врска со Старите Словени имаат и Словачка и Словенија и Славонија, па не може само една од нив да има монопол над тоа.
Стабилноста како аргумент. Среде проруските пропагандисти има и такви, кои не негираат дека Лукашенко владее авторитарно, но тие релативизираат дека тоа придонесува за политичката стабилност на Белорусија. Во врска со тоа, еден наслов од српскиот сајт Нулта тачка вели (во превод): Подобро диктатура во Белорусија отколку демократија во Украина. Наводно, тоа позитивно се одразува и врз економијата, околу што една објава на македонски вели: Од пеплосана економија стана држава си најмал (2%) процент на невработени и најголем процент на граѓани од средно општествената класа. Навистина, во Белорусија немаше такви потреси како во Украина, а Лукашенко не раскрсти со советската економија и фабриките во државна сопственост, што, според некои, придонесе Белорусија да не пострада толку од транзицијата. Но, прашање е што е тука вистина, а што е фалбаџиство на белорускиот режим. СССР ги казнувал оние трудоспособни граѓани, кои не работеле ништо, како социјални паразити (рус. тунеядцы), а во поблага форма тоа сега го прави и Белорусија, па не знаеме дали тоа натерало некои Белоруси да фатат каква било работа, макар и слабо платена и несоодветна, и дали можеби тоа придонело за ниската стапка на невработеност (ако е навистина ниска). Белорусија има некои успеси (заработува од рафинирање руска нафта; произведува трактори, камиони, автобуси, возови и воена техника; има агрикултура, прехранбена и хемиска индустрија; како и бесплатно здравство и образование), но таа, сепак, не е комунистичка утопија – како што ја фалат пропагандистите. Стандардот на живеење не ѝ е повисок од оној во исто така постсоветските или посткомунистичките Литванија, Латвија и Полска. Тие немаат свој Лукашенко, а сепак живеат и подобро и послободно. Извор: Новинска агенција МЕТА