Македонскиот селектор и тренер на Алкалоид, Кире Лазаров сосема очекувано пресреќен по големата победа на македонскиот тим над АЕК среде Атина од 25-29 во првиот натпревар од финалето во ЕХФ Европскиот куп. Лазаров истакна дека е премногу горд на своите момци Македонци кои покажаа како се брани македонскиот ракомет во Европа. „Мора да им честитам на момците! Секоја чест за овие момци Македонци! Се гордеам со нив! Се договоривме да бидеме храбри и мудри, и така беше во текот на целиот натпревар иако воопшто не беше лесно со оглед на целокупниот притисок. Голманите беа на одлично ниво. Да, сите допринесоа многу да дојдеме до оваа голема победа од четири разлика, но мора да знаеме дека имавме вкупно 18 одбрани. Да не беше така сигурно и резултатот нема да беше тој. Се што се договоривме во 90% го исполнивме на мечот“ – ни изјави Лазаров веднаш по мечот.
Стратегот на Алкалоид не криеше дека секој во тимот бил добро подготвени и за сите провокации од трибините во второто полувреме, кога со тврди предмети беше погоден и Митев. „Ние бевме подготвени на се, можеби и на потешки провокации, пожестока атмосфера. Бевме психолошки максимално подготвени на се. Можеби не требаше да реагираме на публиката. Имавме предност од три гола разлика во тие моменти, и очигледно беше дека сакаат да направат фора за да го свртат натпреварот во своја корист. Можеби мислеа и дека ќе наидат на млади и неискусни ракометари. Но….“. Но, останува и реваншот за седум дена на кој ќе треба да се потврди трофејот во ЕХФ Европскиот куп.
„Сега останува малку да ја прославиме оваа победа. На толку работа и труд треба да се даде мала оддишка. Заслужија овие момци затоа што ја направија горда нацијата, бидејќи ова не е било каква победа. Останува пред нас краток одмор, затоа што направивме многу, можеби и го изненадивме противникот, но мора да знаеме дека ништо не е завршено. Ќе се подготвиме добро. Ни претстои реванш и затоа мора да бидеме многу, многу внимателни!“ – истакнува Лазаров.