Ракометниот клуб на Алкалоид досега има успешен настап во Европскиот Куп на ЕХФ, шест победи од шест натпревари. За пласман во четвртфиналето играчите предводени од тренерот Кирил Лазаров двапати го совладаа италијанскиот Бриксен. – Беше одличен натпревар, добро почнавме, беше тесно до 35 минута. Бриксен игра брзо, ние влечевме исто, направивме неколку грешки, но после се смиривме и го вративме резултатот. Имаме уште за поправање во нашата игра и да го подигнеме нивото – рече ракометарот на Алкалоид, Марко Стојковиќ по реваншот со Бриксен во салата „Автокоманда“ – Скопје.
Ривалот во четвртфиналната фаза Алкалоид ќе го дознае на ждрепка која ќе се одржи на 25 февруари. – Мислам дека заслужено го поминавме осминафиналето. Натпреварот го прекршивме во 35 минута, во одредени моменти во првото полувреме делувавме пребрзо, нерутински и малку неискусно. Не игравме на резултат, меѓутоа сакавме да играме брзо каде што правевме грешки, тоа во иднина мораме да го поправиме – кажа тренерот на Алкалоид, Лазаров.