Во 2024 година биле натурализирани рекорден број луѓе во Германија. Германско државјанство добиле 2.805 македонски граѓани. Бројот на луѓето кои добиле германско државјанство минатата година се искачи на рекордно високо ниво. Во 2024 година германско државјанство добиле 291.955 странци, покажуваат податоците на Сојузниот завод за статистика во Висбаден. Ова е најголем број на натурализирани граѓани од воведувањето на статистиката во 2000 година. Во споредба со 2023 година, бројот на луѓето кои добиле германско државјанство бил повисок за 46%. Бројот на македонски граѓани кои добиле германско државјанство во 2024 година е 2.805. Од нив, 1.375 се мажи, а 1.430 се жени. Според возраста, 560 лица се малолетници. Просечната возраст на македонските граѓани кои добиле германско државјанство е 30,8 години. За споредба, во текот на 2023 година германско државјанство добиле четирипати помалку македонски граѓани – 665.
Од земјите на Западен Балкан, најмногу натурализации има кај граѓаните на Косово – 7.480, а потоа следува Србија со 4.675. Од Босна и Херцеговина со германско државјанство се стекнале 3.905 луѓе, додека бројот на Албанци е 3.115. Најмала група граѓани кои добиле германско државјанство во 2024 година има Црна Гора – 355. Во објаснувањето, германскиот Сојузен завод за статистика високиот број на натурализации го објаснува со законските измени што стапија на сила во јуни 2024 година со модернизацијата на Законот за државјанство. Според овој закон, кандидатите можат да го задржат своето претходно државјанство. Освен тоа, сега се доволни пет години престој во Германија наместо претходните осум. Добрите академски или професионални резултати можат да го скратат периодот до три години. Според статистичарите, приближно седум проценти од натурализациите во 2024 година се случиле по скратен период на престој поради посебни постигнувања на странците.
Сирија е најчестата земја на потекло
Според Сојузниот завод за статистика, Сиријците се најчесто натурализираните граѓани во 2024 година: Повеќе од едно од четири натурализирани лица (28 проценти) имало сириско државјанство. Потоа, со значително растојание, следуваа турските (осум проценти), ирачките (пет проценти), руските (четири проценти) и авганистанските (три проценти) државјани. Меѓу петте најчести националности, бројот на натурализации на Руси забележува најголем пораст, зголемувајќи се за 551 процент на 12.980 лица.