Додека власта се обидува секое барање на вистината да го замолчи со дегутантни етикети како “лешинарење”, очигледно е дека истрагата која се води за најголемата трагедија е повеќе од селективна. Весникот „Фокус” објави скандалозни информации со кои агенцијата „Рубикон”, која ја обезбедувала дискотеката на смртта, е регистрирана на иста адреса со институт управуван од вмровски функционер, велат од Левица.
– Односно, агенцијата „Рубикон“ е регистрирана на ул. „Христо Татарчев” бр. 79 во скопската населба Кисела Вода. На истата адреса се води и Центарот за безбедносни истражувања, каде директор е Александар Нацев, истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ. Вториот момент кој укажува на партиски врски е тоа што како сопственик на агенцијата „Рубикон” се јавува лицето Јане Јанчески. Токму сопственикот на агенцијата „Рубикон” истовремено е заменик-директор во Центарот со кој раководи Александар Нацев.