Од политичката партија Левица тврдат дека Владата иницира законски измени со кои ќе се укине задолжителноста за меѓународно признатите јазични сертификати при избор на директори во државните институции, заменувајќи ги, како што велат, со „обични потврди“ за познавање на англиски, француски или германски јазик.
-Со новите законски решенија, наместо конкретни сертификати како ТОЕФЛ, ИЕЛТС или АПТИС, ќе биде доволно да се приложи уверение или потврда за познавање странски јазик, без прецизна и проверлива вредност. Оваа пракса веќе се применува во предложениот Закон за инспекциски надзор, каде што имињата на меѓународно признатите сертификати се избришани, а се бара само меѓународно признат сертификат или уверение . Слични измени се предлагаат и во други закони, како Законот за животна средина, каде што се намалуваат стандардите за избор на директор – велат од партијата. Оваа одлука, според нив, следува по неколкуте откриени фалсификувани сертификати, меѓу кои најпознат беше случајот со директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, кој приложил ТОЕФЛ сертификат добиен од неактивна бугарска фирма, за што веќе три месеци има започнато истрага.