Левица денес реагира дека противзаконско е именувањето на новите членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Афрона Верзиволи и Нафије Селмани, кои како што велат од таму, се политички истакнати личности преку политички партии од албанскиот блoк. „Спротивно на Законот за ААВМУ според кој ,,за членови на Советот не можат да се именуваат лица кои биле дел од органите на партијата во последните 10 години, сметајќи го денот на објавувањето на конкурсот“, Верзиволи е политички ангажирано лице во Алијанса за Албанците, чие име се поврзува со скандалот дека Верзиволи нема лиценца да биде директор во Ревизијата на ИПА фондовите, при што самиот Таравари ја спомна како член на Алијанса. Верзиволи е партиски кадар, бидејќи и нејзиниот сопруг, според медиумските извештаи, е на чело на партиски огранок на Алијанса за Албанците.
Исто така, именувањето на Верзиволи како член на Советот на ААВМУ е спротивно на законскиот услов за осумгодишно искуство во струката, бидејќи Верзиволи има помалку од пет години такво искуство. Сличен е случајот и со именувањето на Нафије Селмани, која беше член на претседателството на Алтернатива до 2021 година, кога поднесе оставка во знак на незадоволство, бидејќи Алтернатива како дел од Владата на СДСМ-ДУИ немаше најдено место за жените во извршната власт. Потоа, на локалните избори беше кандидат за општински советник во Чаир – функција што ја извршува и денес. Оттука и прекршувањето на член 5, став 3 од Законот за ААВМУ“, реагира Левица. Партијата апелира до власта да именува квалитетни, крајно професионални и непартиски кадри во Советот на ААВМУ.