Левица тврди дека одговорниот началник на СВР Штип, Дејан Салтировски за време на трагедијата во Кочани имал директни лични односи со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Од партијата тврдат и дека за време на претходната власт, Дејан Салтировски како вработен во гранична полиција, на полицајците им нудел потпишано полномошно од адвокат Панче Тошковски. – Дека министерот го штити Салтировски говори фактот што истиот е вратен на неговата позиција во граничната полиција, без да се отвори каква било постапка за негова одговорност за кобната ноќ – велат од партијата.
Од Левица прашуваат дали во минатото министерот застапувал судски спорови против МВР преку сега разрешениот началник на СВР Штип. -Дали Тошковски лично ургирал за Дејан Салтировски да добие безбедносен сертификат? Што правеле во Кочани еден час пред трагедијата Дејан Салтировски (како тогашен началник на СВР Штип) и неговиот кумашин Ванчо (како тогашен помошник-началник во СВР Штип)? Левица ќе продолжи да бара одговори за трагедијата во Кочани, затоа што и два месеци после кобната ноќ, ниту еден актуелен висок функционер не е изнесен пред лицето на правдата – се додава во соопштението.