Пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, денеска на прес-конференција праша зошто паралелно со разгледувањето на кандидатите за Програмскиот совет на МРТ не се распишува јавен конкурс и за избор на нов генерален директор на националниот телевизија. МРТ, кажа тој, е една од најважните институции во државата, со историска улога во креирањето и зачувувањето на државноста, и нејзиното работење мора да биде јавно, објективно и законски засновано. Мециновиќ потсетува дека актуелниот генерален директор првпат е именуван во 2012 година, по што е реизбран во 2015 и 2018 година, но од тогаш, иако законски мандатот е ограничен на три години, нов конкурс не е распишан. Според Мециновиќ, уште од 2021 година постојат најави дека Програмскиот совет ќе распише нов конкурс за генерален директор, но тоа никогаш не се случило.
Истовремено, вели тој, Програмскиот совет сега презема иницијатива за избор на нов Надзорен одбор, со образложение дека му истекол мандатот, но не ја објаснува причината зошто не постапува и за позицијата директор. Според Мециновиќ, дури и самите записници од седниците на Советот потврдуваат дека тие не се сигурни во своите надлежности и бараат автентично толкување од Собранието, но такво барање досега не е добиено во Собранието. – Во март годинава, без дополнителни објаснувања, Советот одлучува да распише конкурс за Надзорен одбор, во консултација со актуелниот директор, што дополнително ја прави ситуацијата спорна, додаде Мециновиќ.
Левица смета дека оваа состојба отвора сомнежи за можно политичко и лично влијание во управувањето со јавниот сервис, при што се користат правни сиви зони за одржување на статус кво. Од партијата најавуваат дека ова е само прва од серијата прес-конференции на кои ќе бидат изнесени дополнителни информации за работењето на МРТ, потенцијални злоупотреби и кршење на работнички права во оваа институција.