Во духот на меѓународна солидарност и заедничките идеали, висока делегација на Централниот Комитет на Комунистичката партија на Кина (КПК), предводена од заменик-министерот за надворешни работи Чен Џоу, ја посети централната канцеларија на Левица во Скопје, соопштија од партијата. Во рамките на посетата, како што додаваат од Левица, во срдечна и пријателска атмосфера била остварена и работна средба помеѓу Президиумот на Партијата, на чело со претседателот Димитар Апасиев и кинеските претставници, при што во фокус била размената на искуствата и зајакнување на меѓусебната соработка.
„Делегацијата на КПК беше запознаена и со структурата и активностите на Левица, нејзиниот историјат и долгорочната визија за партијата, но и за Република Македонија.
Оваа средба отвора врати за идна соработка и нагласуваме дека посетата претставува значаен чекор кон продлабочување на братските односи со Комунистичката партија на Кина и кинескиот народ, врз основа на взаемно почитување, еднаквост и заеднички визии за иднината. Остануваме посветени кон унапредување на дијалогот и солидарноста помеѓу сите народи на светот, што е суштински дел од нашата надворешно-политичка стратегија во услови на еден мултиполарен свет“ велат од Левица.