Политичката партија Левица потсетува дека на почетокот од академската 2024/2025 година, премиерот Христијан Мицкоски и функционерите од власта најавија дека секој студент ќе добие ваучер од 250 евра за набавка на електронски уреди, наводно како дел од стратегијата за задржување на младите во државата. Според партијата, ова ветување беше промовирано со голема медиумска кампања и претставено како значаен поттик за студентската популација.
-Но, по донесувањето на Буџетот за 2025 година во декември и наводното вклучување на оваа мерка во фискалната проекција – надлежните кои ветуваа и најавуваа, сега молчат. Ниту постои јасна процедура, ниту повик, ниту објаснување за кога и како ќе бидат исплатени средствата. Најавата дојде на почетокот од академската година, проследена со изјави за „стратешка грижа“, за „иднината на државата“. Но, со завршетокот на истата таа академска година – студентите не добија НИШТО. Ни уред, ни ваучер, ни објаснување, велат од партијата на Димитар Апасиев.
Левица го критикува ВМРО-ДПМНЕ дека оди по истата патека – „ветува предвреме, тактизира до избори, а потоа заборава“. -Прашањето е: Дали овие 250 евра беа реално планирана мерка или само уште еден изборен адут чуван во фиока за поткуп во септември пред локалните избори, стои во партиското соопштение. Ваучери од 250 евра за набавка на електронски уреди за сите студенти во државата, најави Мицкоски лани во октомври. Одговарајќи на прашањето за иселувањето на младите, премиерот на телевизија во програма во која се говореше за сработеното на Владата во првите сто дена работење, рече дека Владата за студентите понудила проект за електронски уреди, но и до 30.000 евра за отворање стартапи за млади. Премиерот најави фонд од десет милиони евра со кој ќе се стимулираат стартап бизниси на млади луѓе што имаат идеја. Вредноста на стимулациите, според Мицкоски, ќе изнесува од 1.000 до 30.000 евра.