Левица обвини за селективна и политички мотивирана истрага во врска со трагичниот настан во дискотеката во Кочани. Од партијата го критикуваат министерот за внатрешни, Панче Тошковски, оценувајќи дека истрагата тенденциозно го избегнува утврдувањето на одговорност кај функционери блиски до владејачката ВМРО-ДПМНЕ. „Иако постојат јасни индиции за сериозни пропусти кај лица со оперативни овластувања, истрагата се фокусира исклучиво на поранешни функционери и службеници од пониските ешалони. Се избегнува утврдување одговорност кај началничката на ОВР Кочани, началникот на криминалистичката полиција, инспекторката за економски криминал, сменоводителот од критичната вечер, како и други лица од СВР Штип и Бирото за јавна безбедност.
Постоеја пријави против објектот, се користела пиротехника, а `рацијата` била спроведена без соодветно присуство на инспекциски служби. Сето тоа укажува на свесен институционален пропуст со трагични последици“ велат од Левица. Од партијата најавуваат дека пратеничката група веќе подготвува интерпелација за министерот Тошковски, укажувајќи на сериозни институционални пропусти, селективна одговорност и прикривање на лица кои требало да дејствуваат. „Ќе инсистираме на целосна правда и неселективна одговорност – секој кој потфрлил, премолчел или прикривал, мора да одговара“, порачуваат од Левица.