Помина цел месец откако Левица ја алармираше јавноста за тендерот склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи, предводено од Панче Тошковски, и фирмата „Дон Холдинг“ – компанија која во минатото беше мета на жестоки прес-конференции токму од ДПМНЕ. Истата таа партија тогаш го повикуваше обвинителството да отвори истрага поради сомнежи за криминални зделки и блиски врски со поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров од СДСМ – соопштија денеска од Левица. Од партијата велат „Еден месец Тошковски, МВР и ДПМНЕ молчат зошто наместо МВР под раководство на Тошковски да ги истражи скандалозно доделените тендери од СДСМ на оваа компанија – сега неговото министерство повторно ги склучува истите сомнителни тендери со „Дон Холдинг” во висина од 500.000 евра“.
„Тошковски молчи и за скандалозниот тендер за кој обелоденивме пред два дена, а кој се однесува на договор вреден 18.821.466 денари, склучен со битолска компанија ММ ПАК ЕЛПЕНИК ДООЕЛ – компанија со блокирани сметки.
Оваа компанија со пет вработени треба да ги опреми одморалиштата на МВР со спален и кујнски инвентар.
Како што истакнавме и претходно, цените на артиклите предвидени за набавка се астрономски, односно наместо да се пониски како набавка на големо – МВР од народниот буџет ќе плаќа неколкукратно повисоки цени дури и од она што граѓаните во можат да го најдат и купат од рафтовите во продавниците. Кога СДСМ и ДПМНЕ ќе се обединат со исти компании обвинувани за криминал, како што е случајот со „Дон Холдинг“ – тоа е јасен показател дека нема разлика помеѓу лукративните интереси и расипничкото работење на овие две партии.
Воедно, го советуваме Тошковски да ги извади розовите наочари и да престане со смешното мантрање на зборот „реформи“ бидејќи реформите се незабеележливи ниту во однос на тендерите, а не пак на терен“ е ставот на Левица.