Политичката партија „Левица“ во соопштение до јавноста наведува дека партијата ВМРО-ДПМНЕ во имотниот лист има запишано 102 имоти. ВМРО-ДПМНЕ во својот имотен лист има запишано неверојатни 102 имота распоредени на атрактивни локации низ цела држава. Кога ќе се погледнат добро 102-та имотни листа, во нив ќе се видат не само објекти, туку и шуми, ливади, пасишта, ниви!? Имајќи ја предвид нивната мегаломанска бела палата и сите овие 102 имота, ВМРО-ДПМНЕ е најбогатата политичка партија не само во Македонија, туку и во Европа! Од Левица јавно прашуваме и бараме директен одговор од ВМРО-ДПМНЕ: Колку е вредноста на сите овие 102 имота, запишани на 102 имотни листа и од каде ви се средствата со кои сте ги купиле? На народот му должите одговори, а не замајување на јавноста со избегнување на одговорот и во вмровски стил – вртење на темата во друга насока. На народот му должите одговори, бидејќи наспроти луксузот во белата палата на ДПМНЕ, се распаѓаат крововите на болниците. Наспроти вредноста на вашите над сто имота, вие како власт немате пари за лекови! Како власт не водите сметка да има пари за центар за изгореници! Не издвојувате пари за зголемување на минимална плата! Немате пари за противпожарни возила! Немате пари за наставниците, за персонал во градинките, за земјоделците, за стечајците, за работниците! Ненаситно и бездушно сте насочени кон остварување на вашите капиталистички интереси, кон градење на суров капитал без око да ви трепне за основната егзистенција на народот, пишува во партиското соопштение.
ВМРО-ДПМНЕ реагира на соопштението на „Левица“ во кое беше презентирано дека владејачката партија во имотниот лист има над 100 објекти во своја сопственост. Партија која гласно се претставува како „борец” за правда наеднаш се здобива со имот кој вреди 1 милион евра, а Апасиев го купува за 400 000 евра, и притоа манипулира како тоа било подрум, подрум од 409 квадратни метри. Левица глумат револуционери и како тие ќе го „спасат” системот преку театрални настапи, кои инаку се популистички, а зад кулисите прават зделки за моќ, привилегии и удобност. Колку од нивната гласна идеологија е продадена со тој договор? Нивното „храбро” однесување претставува само обид за да го одвлечат вниманието на граѓаните, додека тие самите тивко се интегрираат во системот, и си ги продаваат тие идеали позади кои тврдат дека стојат. Додека нивните членови јавно ги напуштаат преку фејсбук објави, Апасиев купува имот вреден тројно повеќе, во центар на Скопје од 409м2, и лаже дека купил подрум и си го манипулира членството, за притоа да пие кафе во истиот објект каде другар му отвори кафуле. Од „борци” станаа пиуни со двојни стандарди и ја претворија Левица во приватна сопственост. Партија која тврди дека се бори против елитизам сега има лидер елитист. Левица да каже од каде им се средствата и како се вклопуваат во сликата на антикапиталистичка партија, многу лесно ги променија боите, а можеби само левичарската црвена на Апасиев не била ништо повеќе од костим, велат од ВМРО-ДПМНЕ.