Лани во Комората биле пријавени само четири напади. Во еден случај докторот бил физички нападнат, во два случаи станува збор за вербален напад со закана за употреба на сила и во еден случај доктор бил изложен на навреди на социјалните мрежи. Во сите случаи нападите биле сторени од пациент или од член на потесното семејство. Во анкета спроведена од Лекарската комора, 78% од докторите пријавиле дека биле изложени на некаков вид насилство на работното место. Од нив, 80% биле изложени на вербално насилство, додека 6,8% доживеале физичко насилство. Речиси 70% од нападите воопшто не се пријавени, објави Лекарската комора, по повод 12 март, Европскиот ден за подигање на свеста за насилството врз лекарите и здравствените работници.
„Во изминатата 2024 година, во Комората се пријавени само четири напади. Во еден случај докторот е физички нападнат, во два случаи станува збор за вербален напад со закана за употреба на сила и во еден случај доктор е изложен на навреди на социјалните мрежи. Во сите случаи нападите се сторени од пациент или од член на потесното семејство. Годинава Комората, преку кампања на социјалните мрежи, потсетува на важноста за негување на партнерски однос помеѓу докторите и пациентите заснован на меѓусебно разбирање и почит за што поддршка доби и од здруженијата на пациенти“, наведено е во соопштението на Комората. Оттаму потсетуваат дека секој пациент заслужува најдобра можна здравствена грижа, а секој здравствен работник заслужува да работи во безбедна средина. „Затоа, градењето на меѓусебна доверба, професионализам и механизми за отчетност е единствениот пат кон подобрување на здравствениот систем – без потреба од насилство, без страв и без дополнителни жртви. Насилството врз здравствените работници – почнувајќи од вербална злоупотреба до физички напади – достигна алармантно ниво. Истражувања направени од релевантни меѓународни организации проценуваат дека над 60% од здравствените работници во Европа доживеале некаков облик на насилство на нивното работно место“, се додава во соопштението.
Од Лекарската комора ги повикуваат креаторите на политиките да преземат решителна акција за сузбивање на насилството врз здравствените работници и генерално во здравствените установи преку имплементација во пракса на веќе донесените законски решенија за заштита од насилството, преземање на подобрени безбедносни мерки во болниците, обука на здравствените работници за важноста на емпатијата во односот со пациентите, како и обука за начините за деескалација на конфликтот, психолошка поддршка на оние кои се соочиле со проблемот. „Никој не треба да се плаши за својата безбедност додека пружа помош, ниту пак пациентите треба да се чувствуваат несигурно додека ја добиваат здравствената услуга која им е потребна. Европскиот ден за подигање на свеста за насилството врз здравствените работници служи како моќен потсетник дека насилството не треба да биде дел од работата на здравствените работници и не треба да биде присутно во здравствените установи“, вели проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседател на Лекарска комора. На иницијатива и залагање на Лекарската комора, во 2023 година се направени измени на Кривичниот законик со што насилството врз здравствените работници е насилство кон службени лица и претставува кривично дело. Со тоа, делата како употреба на сила, сериозни закани, навреда, малтретирање, задавање телесни повреди или закана со употреба на оружје кон лекар при вршење на професионалните работни задачи се кривични дела за кои е предвидена казна затвор. Извор: Новинска агенција МЕТА