Лидерката на екстремната десница во Франција, Марин Ле Пен, на која судот и забрани да извршува јавна функција поради проневера на јавни средства, денеска изјави дека ја оспорува пресудата на демократски и мирен начин, мислејќи на борбата за граѓански права во САД од страна на свештеникот Мартин Лутер Кинг помладиот. „Нашата борба…ќе биде мирна борба, демократска борба. Ќе се угледаме на Мартин Лутер Кинг кој ги бранеше граѓанските права затоа што граѓанските права на Французите се доведени во прашање денес“, рече Марин Ле Пен во видео обраќањето до Конгресот на Италијанската лига, антиимигрантската партија на Матео Салвини, што се одржува во Фиренца. Политичките тензии во земјата беа донесени со острата пресуда во првостепената постапка против француската партија Национален собир, поради проневера на јавни средства и забрана за јавни функции за лидерката на партијата Марин Ле Пен, една од фаворитите на следните претседателски избори во Франција, планирани за 2027 година. Последниве денови, околината на Марин Ле Пен веќе се осврна на американскиот лидер Мартин Лутер Кинг Јуниор во движењето за граѓански права, кој беше убиен од бел сегрегационист на 4 април 1968 година, на терасата на еден мотел во Мемфис, на југот на САД.
Тие повторија дека партијата Национален собир ќе користи легални средства и мирни демонстрации. Тие ја оспоруваат легитимноста на пресудата во првостепената постапка, изречена поради аферата на помошникот во Европскиот парламент. „Ќе се бориме, никогаш нема да прибегнеме кон насилство, никогаш нема да попуштиме пред кршењето на демократијата. Ќе ги искористиме сите можни правни средства за да можеме да учествуваме на тие претседателски избори и да го спречиме обидот да се прекине функционирањето на демократијата во Франција“, рече Ле Пен. Салвини и се заблагодари за возврат: „Благодарам Марине, не сакаме да одземаме повеќе од твоето време… денес ќе биде важен ден за тебе и за Франција“, рече Салвини. Во Париз попладнево се одржува митинг за поддршка на Марин Ле Пен пред Палатата на инвалидите каде се наоѓа саркофагот на Наполеон.