Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги дочека лидерите на Велика Британија, Франција, Полска и Германија, Кир Стармер, Емануел Макрон, Доналд Туск и Фридрих Мерц на разговори во обид да се обезбеди прекин на огнот во руско-украинската војна. Посетата е исполнета со симболика, откако разговорите доаѓаат еден ден откако Русија ја одржа својата годишна парада на победата во Втората светска војна во Москва, а денеска е последниот ден од самопрогласеното тридневно примирје на Владимир Путин.
Европските лидери, заедно со претседателот Зеленски, денеска на свечена церемонија на плоштадот Мајдан во центарот на Кијив, долгогодишен симбол на украинската независност, положија свеќи на споменикот на загинатите во војната во Украина. Германскиот канцелар Фридрих Мерц вели дека ќе продолжи да се зголемува притисокот врз руската воена машинерија освен ако Русија не се согласи на траен прекин на огнот. Во серија твитови на Х, тој вели дека лидерите од Франција, Германија, Полска и Велика Британија стојат заедно во Киев за да ја покажат својата поддршка за Украина. „Крвопролевањето мора да престане“, напиша Мерц.
Во меѓувреме, додека трае третиот и последен ден од примирјето за Денот на победата, прогласено од Владимир Путин, Украина пријавува повеќе руски напади. Во северниот Сумски регион, една 85-годишна жена е убиена, тројца други се повредени, 19 станбени куќи и 10 други згради се уништени или оштетени, соопшти украинската полиција. Во регионот Донецк едно лице е повредено, а два станбени блока се запалени по руските напади. Во јужниот град Херсон, човек бил нападнат од руски дрон што носел експлозиви.