Претежно спротивставени ставови, но и повици за зачувување на мирот и стабилноста, можеа да се слушнат од лидерите на земјите од Западен Балкан, кои изминатите денови се собраа во Дејтон, американската сојузна држава Охајо. Поводот за нивното присуство беше одбележувањето на 30-годишнината од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор, како и учеството на Парламентарното собрание на НАТО. И покрај длабоките политички разлики околу иднината на регионот, сите лидери се согласија дека мировниот договор од 1995 година, постигнат под силен дипломатски притисок од тогашната американска администрација, претставува историски пресврт кој стави крај на најкрвавата војна во Европа по Втората светска војна, наведува балканскиот сервис на Ал Џезира. „Дејтон беше компромис што спаси илјадници животи. Сега сме пред нов предизвик – како да го зачуваме мирот, но и да го надградиме договорот во духот на 21. век,“ истакна претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ на панел-дискусијата.
Научени болни лекции од минатото: Тој нагласи дека е охрабрен од верувањето дека, поучено од болните лекции од минатото, сегашното раководство на Балканот на отворените прашања им пристапува со демократска мудрост и непоколеблива посветеност на нивното мирно решавање. „Токму поради оваа причина мораме да ја потврдиме трајната важност на Дејтонскиот мировен договор, не само како темел на мирот во Босна и Херцеговина, туку и како пресвртница за пошироката стабилност на нашиот регион“, рече Милатовиќ. Тој се осврна и на важноста на НАТО алијансата во сегашните предизвикувачки времиња, која, како што рече, служи како гарант за мирот, стабилноста и безбедноста за секоја нејзина членка. „Од клучно значење е да застанеме заедно, да водиме отворен дијалог и да работиме заедно за подобра, помирна и посветла заедничка иднина за сите нас. Западен Балкан е на историски пресврт, со единствена можност да се приклучи на клубот на прогресивни демократии на Европската Унија“, заклучи Милатовиќ.
Повици за дијалог: Андреј Пленковиќ, хрватскиот премиер, смета дека Дејтон не ги решил сите предизвици на регионот, туку ја отворил вратата за подобра иднина. „Ви зборувам како премиер на земја која ја бранеше својата територија во текот на 1990-тите, но имаше и клучна улога во градењето мир надвор од нејзините граници. Хрватска беше првиот сојузник на Босна и Херцеговина на нејзиниот пат кон независност“, посочи Пленковиќ. „Заедно со Вашингтон и Анкара помогнавме да се стави крај на конфликтот и да се потпише Вашингтонскиот договор во март 1994 година, кој создаде заеднички политички и воен фронт за одбрана на Босна и Херцеговина“, рече тој. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, по повод 30-годишнината од Дејтонскиот договор, организирана како дел од пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО говореше за значењето на договорот за регионалната стабилност, важната улога на САД во тој процес, како и за придонесот на Република Северна Македонија во зачувувањето на стабилноста и учеството во НАТО.
„Три децении подоцна, наследството на Дејтонскиот договор нè потсетува дека дипломатијата, поддржана со единство и решителност, може да ги сопре куршумите и да почне обновата на човечки животи. Мирот не е крајна дестинација – тој е дисциплина. Процес. Одговорност. Одговорност што мора постојано да се негува, брани и обновува пред новите безбедносни закани“, истакна министерот Муцунски. Тој нагласи дека водството на Америка не е само добредојдено – туку е незаменливо. Одбиен амандманот на Србија за заштита на политичарите од Република Српска. Претставниците на Србија побараа усвојување на амандман со кој ќе се отфрли се во врска со обвинувањата за однесувањето на политичарите од Република Српска, но тој беше одбиен при гласањето. Претставниците на парламентите на земјите членки на НАТО договорија документ за ситуацијата во Босна и Херцеговина и предложија низа заклучоци за кои ќе се расправа на следниот самит на Алијансата.