Порота во Њујорк неделава ги прогласи Никол Дедоун, основачката на компанијата „Уан тејст“, и Рејчел Червиц, поранешна директорка за продажба во Калифорнија, за виновни по обвинението дека принудувале жени кои биле следбенички на нивната доктрина да им пружаат сексуални услуги на клиенти, пренесе НПР. Судењето траеше пет недели. Двете жени може да добијат до 20 години затвор, а казната ќе биде изречена накнадно. Обвинителите наведоа дека двете деловни жени, кои ја воделе компанијата за „оргазмична медитација“, со години систематски ги експлоатирале следбеничките, од кои многумина биле трауматизирани од сексуално насилство, принудувајќи ги да извршуваат разни задачи за нив.
Според обвинението, Дедоун (57) и Червиц (44) користеле економска, сексуална и психолошка злоупотреба, заплашување и индоктринација за да ги принудат членовите на „Уан тејст“ на сексуални дејствија што тие самите ги сметале за непријатни или одвратни, вклучително и секс со потенцијални инвеститори или клиенти. Тие им кажале на следбеничките дека ова било неопходно за да се постигне „слобода“ и „просветлување“ и дека така ја покажуваат својата посветеност на вредностите на организацијата. Обвинителите наведоа и дека членовите на сектата, кои подоцна станале работнички во компанијата, никогаш не ги добиле ветените плати.
Заменик-американскиот обвинител Нина Гупта минатата недела во завршните зборови изјави дека обвинетите „изградиле бизнис врз грбот на жртвите“ кои им дале „сè: пари, време, тело, достоинство и на крајот – разумот“. Одбраната ја опиша Дедоун како „феминистичка претприемачка која ги руши бариерите“ и создава „оригинален бизнис-модел базиран на женската сексуалност и јакнење“. Дедоун го основала „Уан тејст“ во 2004 година во Сан Франциско како еден вид комуна за самопомош, врз основа на идејата дека женскиот оргазам е клучот за сексуалното и психолошкото здравје и меѓучовечката врска. Централната практика била таканаречената „оргазмична медитација“ или „ОМ“, постапка во која мажите рачно ги стимулираат жените, често во групна средина.