Послужете се со туѓото искуство, учете од туѓите грешки, а на крајот ќе го внесете својот став и експертиза, дух на новото време, конечно. Знам дека не е едноставно да се битисува во заеднички простор затворен по цел ден, со луѓе со кои не се сложувате за суштински работи. Но меѓучовечката соработка може да започне и од согласноста дека не се согласувате за одредени прашања. Нека ни е честит 8 Март на сите жени и девојки во Македонија! Не срамете се од него, не е „социјалистичка измислица“ – од Америка е дојден, преку Западна Европа, до официјално прогласување во ОН во ‘77. И не е „демоде“, зашто борбата за женски права трае и ќе продолжи. Во очи на празникот се одржа свечена седница во македонското Собрание, на тема „30 Години заложби и достигнувања за подобрување на статусот на жените и идни планови за акција“. Ја имав честа да бидам поканета како поранешна пратеничка. Му се радував на настанот и средбата со колешките од сегашниот и претходните состави, од Македонското женско лоби и женското движење. Покани очекуваа и колешките од претходните одбележувања и знам дека многу од нив останаа засркнати кога се дозна дека не се планирани за годинава. Поточно, дека се поканети САМО неколку поранешни претседателки на Клубот на пратенички и Комисијата за еднакви можности на жените и мажите. Многу жени, прават многу ѓурултија, што ќе им е тоа!
Вака, беше тивко. Дојдовме само три колешки, другите означени места за гости останаа празни, како и пратеничките места на најголемата опозициска партија. Тие пак, самите одлучиле да не дојдат поради бојкот, токму на 8 Март. Иако чувме убави говори од Претседателката на државата и од присутните колешки, беше некако тажно, нималку свечено. Така нецелосно, самиот 8 Март не беше доволно испочитуван, ниту жените и нивната борба за да го „освојат“ Парламентот и да имаат право и можност да одлучуваат со дури 42%, што е над европскиот и далеку над светскиот просек! А по осамостојувањето на Македонија, до 2002, имаше САМО дробни 3,3% до 6,6% жени во највисокиот законодавен дом и 5,5% во локалните совети до 2005, пред внесувањето родови квоти во Изборниот законик. По тешки активистички, политички и медиумски борби, каде најголемиот број од жените-борци не се бореа за себе, туку за идејата за рамноправност на жените со мажите во општеството. Без потсетување на оваа историја, би била беспредметна дискусијата за „некоја си таму прослава“.
Формалниот повод за моменталниве лоши односи помеѓу пратеничките од владината и од опозициската коалиција е несреќната изјава на една министерка кон опозициска пратеничка. Следеше дообјаснување дека немало никакви лоши намери, но изостана експлицитно извинување. Јавноста беше мобилизирана, опозицијата уште повеќе. Дотаму, што покрај бојкотот, најави прекин на работата на Клубот на парламентарки! Ова ескалирало, откако претходно двете страни се обиделе да направат заедничко избалансирано соопштение за настанот, но не ги нашле правите зборови… А во политиката токму зборовите се тие што коски кршат, но и железни порти отвораат. За ова второво мајстори беа две дами кои, почнувајќи од 2006-та, околу 8 години беа координаторки на двете најголеми партии и конкуренти – Силвана Бонева на ВМРО-ДПМНЕ и Цветанка Иванова на СДСМ. Тие на секојдневна основа ги наоѓаа формулациите за излез од политички ќорсокаци, во кои Македонија беше не еднаш втурната. Целосно лојални кон своите партии, но и со поглед кон големата слика за интересот на Македонија. Тие беа илустрација на нашите тврдења како жени борци, дека повеќе жени во политиката ќе внесат политичка култура на дијалог и поголема почит и толеранција кон разликите во нашиот Парламент. На Ваше место, почитувани колешки, би ги прашала за совет, КАКО наоѓаа решение за навидум нерешливи кризи во Собранието и во државата. Послужете се со туѓото искуство, учете од туѓите грешки, а на крајот ќе го внесете својот став и експертиза, дух на новото време, конечно. Знам дека не е едноставно да се битисува во заеднички простор затворен по цел ден, со луѓе со кои не се сложувате за суштински работи. Но меѓучовечката соработка може да започне и од согласноста дека не се согласувате за одредени прашања. Следен чекор ќе биде да се најдат прашањата за кои се согласувате, а потоа и решенијата.
За женските права и прашања на времето имавме изградено заеднички ставови и лесно ни одеше договарањето околу законските формулации што требаше да се подобрат. А потоа секоја од нас лобираше во својата партија, зависно од позицијата. Имавме меѓусебна почит и не дозволувавме навреди кон колешките. Реагиравме моментално и јавно баравме извинување. Од машките колеги, зашто не помнам да имало навредлив дуел или недоразбирање по родова основа помеѓу колешкитево еден долг низ од години. Тоа беше дел од заедничкиот кодекс што го имавме прифатено. За проблеми што ги засегаат жените во и надвор од Парламентот, се состануваше Клубот на пратенички, формиран во 2003 со Елеонора Петрова-Митевска како прва претседателка. Од истиве причини мене не ми беше тешко да ја водам Комисијата за еднакви можности на жените и мажите околу 8,5 години и речиси сите одлуки да ги донесуваме со консензус. Од востановувањето на Комисијата во 2006, со години ова беше најактивната и најотворената комисија во Собранието. Зборувам за над 130 настани (седници, јавни расправи, семинари, кампањи, теренски и меѓународни активности), со над 3.000 учесници од сите сектори во државата, вклучително над 100 граѓански организации. Официјално, Комисијата склучи стратешко партнерство со Македонското женско лоби, кое го иницираше формирањето на Клубот на пратенички, преку имплементација на проект од СОЖМ како негова членка. Впрочем и сите пратенички од 2002 до кај 2014, бевме произлезени од таа структура директно, или индиректно.
Затоа е толку некоректно, простете ми на зборот, да не се поканат претставнички на Лобито, особено оние што ги поставија темелите на успешната приказна за повеќе жени во политиката. Исто како и други видни претставнички од женското движење, кое низ годините се разви и специјализира по одредени теми и изгради експертиза. Посебно што сите овие жени, кои не биле политичарки, несебично се бореле за други жени да станат тоа. Никогаш не барале ништо, но очекувале почит, зашто ја заслужиле. Годинава се 25 години од формирањето на Македонското женско лоби, широка мрежа на женски организации со различна етничка, верска и политичка припадност. Така здружени, жените издејствуваа: прво, драматичен пораст на жени на одлучувачки позиции во Парламентот, локалните совети, институциите; второ, носење на клучни закони за родова рамноправност и недискриминација според европски директиви (санкционирање насилство врз жени и девојчиња, мобинг, психичко и сексуално вознемирување; програми за бесплатни гинеколошки и мамографски прегледи; мерки за економска поддршка на жени претприемачки и рурални жени; антидискриминациска регулатива); трето, огромен придонес кон социјалната кохезија на македонското општество и имиџот на земја каде жените знаат да ги надминат разликите. Низ заедничките кампањи изградивме пријателство, доверба и свест дека сме си потребни како сојузнички и соборци. Во исто време, кога мажите политичари одвај разговараа меѓу себе, жените од различни партии бевме пријателки, комунициравме и заеднички јавно излегувавме со усогласени барања. Во Иницијативниот одбор на Лобито бевме три жени од различни сектори: Савка Тодоровска од граѓанскиот; Елена Грозданова од владиниот; јас од политичкиот. Во Работната група од 40-на жени лидерки (со претседателки на женски форуми од СИТЕ партии), беа уште денешната извршна директорка на МЖЛ – Даниела Димитриевска, Претседателката на државата и претходно претседателка на Комисијата за еднакви можности – Гордана Силјановска, поранешната претседателка на Клубот на пратенички Ѓулумсер Касапи, почитувани судијки, професорки, новинарки, активистки: Елеонора Петрова-Митевска, Милка Ристова, Гзиме Старова, Мирјана Димовска, Голубка Нечевска-Цветановска, Валентина Новковска Трајковска, Дрита Карахасан, Сузана Мусли, Надире Селман, Неда Малеска, Дилбера Камберовска, Виолета Дракулевска, Артемис Периќ, Мирјана Русевска, Дрита Исени, Снежана Орловиќ, Вера Черепналковска, Флорија Љатифи, Слободанка Марковска, Љубинка Басотова, Емилија Зографска, Валентина Базерко, Есма Реџепова, Виолета Томовска, Теута Крашница-Чучкова, Вера Весковиќ-Вангели, Марија Савовска, Билјана Бејкова, Кате Колозова, Азиза Асановска, Мергиме Ајдини, Лирие Шабани, Пенелопа Ѓурчиловска, Афердита Хаџијаха-Имери, Кимета Амет и многу други, нека ми биде простено ако некого испуштив. Од сите нас на почетокот, само 4 станавме пратенички, но затоа СИТЕ ДРУГИ заслужуваат посебна почит, благодарност и внимание. Во работата на Лобито по секои избори се вклучуваа избрани пратенички и советнички, кои ги знаете и нема да ги набројувам.
Македонија има историја на успешна приказна за жените во политиката и заедничка работа на закони во интерес на жените, која вреди да се повтори одвреме на време, барем на Денот на жените. Никој нема право да ја брише, таа е на сите и е во интерес на сите и на Македонија! Поради сево ова, почитувани колешки, требаше да не излегувате од Клубот на пратенички, дури не најдете заедничка формулација за јавност, по што ќе си бевте сите присутни на свеченото одбележување на 8 Март и ќе ни кажевте нам и на сите жени што се Ваши гласачи, ШТО планирате како „идни чекори за подобрување на статусот на жените“ во Македонија, онака како што стои во насловот на седницата. Ајде гајрет, ќе биде подобро! Овие парламентарни збиднувања се и можност да се извлечат поуки, да стекнете повеќе мудрост и толеранција кон Вашите разлики, повеќе солидарност кога некој е повреден, или така се чуствува! Во општ интерес, да пружите рака и ако некој греши, да се издигнете над тоа! И главното: не делете се, колешки, ќе си требате! Особено кога империјата ќе почне да го враќа ударот и да посега по местата кои дел од Вас ги добиле на готово, зашто некои други жени пред Вас го разбирале значењето на заедништвото и имале заедничка женска кауза. Таа не е против никого лично, но е против стереотипот дека жената треба да биде педа подолу од мажот, зашто така природата, или некој друг, одредил! Честит 8 Март, колешки, до следната борба!