Моштите на „Свети Георгиј Победоносец“, чудотворната икона на светецот и Крнинската икона на Богородица, ја осветија Струга. Традиционално, на 7 мај, моштите и чудотворните икони носени граѓани, предводени од локалното свештенство и братството и сестринството од Бигорски, манастирите во Рајчица и Пречиста, по вечерната служба тргнаа од храмот „Свети Георгиј“ и поминаа низ струшките улици, покрај кејот на реката Црн Дрим, низ Чаршијата придружувани од голем број верници, пренесе МИА.
И годинава поворката ја води церемонијално полициско возило, кое на симболичен начин ќе го одбележи чествувањето на свети великомаченик Георгиј, како покровител на полициските и безбедносни сили. Меѓу возилото и литијата дефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, изработена од автентични материјали, којашто е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време, дело на познат италијански експерт за историјата на древната Римска империја. Коњаникот, кој во раката држи палмова гранка како симбол на мирот, има улога на посебен редар и најавувач на процесијата.
Верничка, учесничка на литијата, вели дека посакува секој Македонец, секој христијанин да биде дел од овој ден кога Свети Георгиј чекори по струшките улици. Сестра Ефимија од женскиот манастир Рајчица вели дека пораката за Христовото воскресение, за Христовата победа над сите состојби, кои од дамнина го измачуваат човештвото, како што може да се види во Струга се уште е многу свежа и силна.
– Ова торжество што се случува денеска тука културолошки најавтентично ја изразува традицијата, духот и идентитетот на нашата православна црква и на нашата држава пред целиот свет е едно од најбогатите сведоштва за таа победа. Силно посакувам оваа пасхална радост, оваа убавина да биде перманентен израз на македонскиот народ, порачува сестра Ефимија.