Мисијата побарала информации и постоечката проектна документација, вклучително и извршената проценка на влијанието, да бидат доставени до Центарот за светско наследство со цел да бидат анализирани од страна на советодавните тела. Во април 2024 во извештајот до Центарот за светско наследство и советодавните тела, Охрид ЅОЅ достави подетални информации за хотелскиот комплекс.
По РММ, во јули 2024 следеше годишната седница на Комитетот за светско наследство од што произлезе Одлуката 46 COM 7B.44. Оние седнатите во државните и општински столчиња не ги информираа граѓаните дека во точка 10 Комитетот „ја повикува државата членка Македонија да ја запре изградбата во близина на Студенчишко Блато, комплексот Горица Север и Горица 3 сè додека не се направи стратегиска оцена за влијанието врз животната средина и оцена на влијанието врз наследството за секој од проектите.“ Не го информираа ни УНЕСКО кога во Извештајот за напредокот (условно кажано) од 31.1 2025 година не напишаа НИТУ ЕДЕН ЗБОР за било какво постапување во однос на Горица.
Или во превод: Државата постапува спротивно на преземената и законски обврзувачка Конвенција на светското наследство. Но, што е законот за шака моќници?! Така, ароганцијата на задолжените во владата на оваа „на ти го – дај ми го“ држава си го допуштила комодитетот да покажат среден прст на Центарот за светско наследство, експертските тела на ИУЦН и ИКОМОС и Комитетот за светско наследство. Бидејќи во оваа небиднина, поважно е да се наполни својот и џебот на Мијалков, Илоски, Усеини… (дополнете согласно наоѓање), одошто да се зачува 1,5 милиони години старо езеро. А вие, продолжете мирно да молчите.