Студентите се во очекување дека ќе може да направат резултат од изборите за локална власт како оној во 1992 година кога во Косјериќ победија од опозицијата, а кога на власт беше Слободан Милошевиќ. Нивната кампања е – од врата-до-врата со повик до гласачите да излезат на изборите што се одржуваат шест месеци по почетокот на масовните протести.
СНС има мејнстрим кампања со митинзи и реклами во медиумите.
Србија е потресена од протести предводени од студентите во блокада против корупција, откако на 1 ноември загинаа 16 лица, кога се урна бетонската настрешница новореновирана железничка станица во Нови Сад – катастрофа за која тие обвинуваат длабоко вкоренета корупција.
Оттогаш, студентите поддржани од пошироката јавност блокираат универзитети и излегуваат речиси секој ден на улиците низ градови во државата, барајќи одговорност и транспарентна истрага. Во минатиот месец , сметајќи дека нивните барања не се исполнети, тие побараа предвремени парламентарни избори.
Во Заечар СНС е на власт веќе една деценија и власта е уверена дека СНС ќе победи.Студентите во блокадата, кои на 5 мај побараа распишување вонредни парламентарни избори, иако дотогаш нагласуваа дека нивните барања не се од политичка природа, во Косјериќ иницираа формирање заедничка листа поддржана од мнозинството од опозицијата, што се натпреварува со листата на владејачките партии.
Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (CRTA) денеска објави дека набљудувачите на организацијата регистрирале во Заечар и Косјериќ, 71 случај на заплашување, вербално и физичко насилство врз опозициски активисти, новинари и граѓани во текот на три недели пред локалните избори што ќе се одржат в недела, 8 јуни.Шефот на набљудувачката мисија, Раша Недељков, на прес-конференција изјави дека граѓаните го дочекуваат денот на изборите во тензична атмосфера.
„Нема позитивни промени во изборните услови, и покрај обидите на властите да симулираат посветеност за подобрување на изборниот процес и спроведување на препораките на ОДИХР… Ги повикуваме сите политички актери, учесниците во изборите, а особено јавните власти, да придонесат за смирување на тензиите. Денот на изборите мора да помине мирно – без насилство и без заплашување“, рече Недељков.
Транспарентност Србија соопшти за зголемен број посети на мининстрите од владата во двата српски града. Тие регистрираа дека властите брзаат со локалните инфраструктурни проекти и побараа обвинителите да истражат наводно давање подароци, вклучително и пари, на гласачите.На изборите во Заечар има осум изборни листи, а прва на колективната изборна листа на кандидати за советници на Градското собрание на Заечар е листата „Не ја даваме Србија – Александар Вучиќ“.
Собранието на градот Заечар има 50 советнички места, а според податоците на Градската изборна комисија, вкупниот број на гласачи на територијата на градот Заечар е 47.357.
На локалните избори во Косјериќ учествуваат три изборни листи. Општинското собрание на Косјериќ има 27 советнички места, а Општинската изборна комисија објави дека вкупниот број на гласачи е 8.897.Претседателот на Српската напредна партија, Милош Вучевиќ, претходно изјави дека изборите во Косјериќ и Заечар ќе бидат многу тешки поради атмосферата во општеството, но дека верува дека листата на СНС ќе победи.Претходните локални избори во Заечар и Косјериќ се одржаа на 28 март 2021 година, а избраните собранија на овие локални самоуправи беа конституирани на 28 мај истата година.