„По трагедијата на 16 март во Кочани, досегашниот тек на истрагата покажува селективност и нетранспарентност. Семејствата во Кочани и граѓаните заслужуваат одговори. Но, место тоа, имаме селективна истрага, која на моменти се води дури и бомбастично“, рече пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, во гостувањето во „Топ Тема“ на Телма. Таа вели дека по една ваква трагедија, никој нема право на оправдувања или селекција. -Сепак, ние сега гледаме селективна истрага. Додека претходниот министер за економија е во притвор, сегашниот изјавува дека не ги знае надлежностите и овластувањата, велејќи:
„Јас немам ништо со ова и со лиценците.“ Не слушнавме ништо ниту за полициските службеници кои имаат обврска да го прават планот за ризик, само гледаме дека има суспензија. На јавноста ѝ се потребни одговори и овој процес мора да биде транспарентен. Граѓаните и семејствата во Кочани заслужиле да имаат одговори за трагедијата, рече Лукаревска. Лукаревска се осврна и на формирањето на анкетна комисија која треба да започне со работа во соодветно време, но не смее да биде замена за истрагата. -Истрагата за трагедијата во Кочани треба да покаже веродостојни резултати. Анкетната комисија не смее да ја замени истрагата на МВР и Основното јавно обвинителство и не смее да биде мост за добивање на евтини политички поени, рече Лукаревска.