Демократска унија за интеграција, најголемата албанска опозициска партија, критикува дека Јавното обвинителство, како што велат, како никогаш досега е претворено во покорна алатка на извршната власт, а правдата ставена под нејзина целосна команда. Партијата го темели ваквото обвинување врз основа на случајот со пожарот во Кочани и, како што велат од ДУИ, тишината околу урбаната катастрофа во скопски Чаир.
„Во Кочани, по трагедија што го потресе целото општество, истрагата е затворена без ниту еден партиски функционер да биде повикан како осомничен иако е јасно за секој граѓанин дека одговорноста е директна и лежи врз Министерството за внатрешни работи и надлежните институции. Молкот на обвинителството е форма на политичка амнестија и навреда за жртвите и нивните семејства“, велат од ДУИ.Оценката на ДУИ за случајот со дивоградбите во Чаир, пак, е дека во реално време се случува урбан криминал.
„Повеќе од 150 бесправни градби без статички проекти, без сеизмичка проценка, со нелегално поврзување на струја и без пристап за пожарна или брза помош се живи закани за илјадници граѓани. Луѓето што купиле станови таму не можат да спијат мирно поради страв за животите на своите деца и семејства“, нагласуваат од партијата на Али Ахмети.Оттаму сметаат дека овие случаи се пример не за селективна, туку за укината, диригирана и контролирана правда, свесно насочена против интересите на граѓаните.