Педесетгодишен маж кој запали копија од Куранот пред турскиот конзулат во Лондон, денеска беше прогласен за виновен за сторен прекршок на јавниот ред и мир од религиозна гледна точка, во пресуда со која критичарите велат дека ефикасно е вратен укинатиот закон за богохулство, пренесува Ројтерс. Хамит Чошкун, 50, беше казнет со 240 фунти, или околу 300 евра во лондонскиот Прекршочен суд во Вестминстер откако беше осуден за нарушување на јавниот ред и мир извикувајќи погрдни зборови , навредувајќи го Куранот и Исламот додека ја држел запалената книга во близина на конзулатот во центарот на Лондон во февруари. Адвокатот на Чошкун тврдел дека обвинителството претставува обид за враќање на законот за богохулство кој беше укинат во Англија во 2008 година. Чошкун ги негираше обвиненијата и на социјалните мрежи изјави дека протестирал против турската влада. Додека ја држел книгата во воздух, бил нападнат од маж со нож кој го шутирал и плукнал.
„Палењето религиозна книга, иако навредливо, за некои не е нужно нарушување на јавниот ред и мир.Она што го правеше неговото однесување неуредно беше времето и локацијата на однесувањето и тоа што сето ова беше придружено со навредлив јазик. Немаше потреба да користи вулгарни зборови и да го насочува кон исламот.“- рече судијата Џон Мекгарва. Националното секуларно друштво (НСС), кое помогна во плаќањето на неговите судски трошоци, рече дека гонењето е „значаен удар врз слободата на изразување“, став што го повтори и главната опозициска Конзервативна партија.
„Велика Британија нема закони за богохулство. Сепак, оваа пресуда де факто создава еден. Парламентот никогаш не гласаше за тоа. Британскиот народ не го сака тоа. Оваа одлука е погрешна“, објави партијата на „Икс“.