Македонија годишно губи 146 милиони кубици вода за пиење, а речиси половина од комуналните претпријатија за вода работат со загуба. Загубата на вода кај најголем дел од овие комунални претпријатија е поголема од 40%. Ова се податоци од истражувањето Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) за водата за пиење. Во Македонија има 67 снабдувачи на вода, 667.076 регистрирани потрошувачи кои се домаќинства и 41.632 правни лица. Најмногу регистрирани домаќинства или 271.000 има во Скопје, а со над 30.000 се Битола, Охрид и Куманово. Во Скопје има и најмногу фирми и институции, односно 10.000 правни лица потрошувачи на вода за пиење.
Од вкупното годишно производство, 245 милиони кубни метри вода, се губат околу 60% или 146 милиони кубни метри вода. Најмногу од нив се губат во Скопје, дури 63 милиони кубни метри годишно или 43% од целата загубена вода во државата. Гостивар губи скоро 9 милиони, Тетово 7 милиони, Кичево повеќе од 6 милиони, а Охрид 5,8 милиони кубни метри вода годишно. Цената на водата за домаќинствата во големите градови (оние над 40.000 жители) просечно изнесува 31 денар за кубик. Дури во 9 од 11 големи градови цената на водата се движи од 29 до 39 денари за кубик. Исклучок се Тетово и Гостивар, каде цената на водата е 16, односно 17 денари за кубик. Скопје е околу просекот, и цената изнесува 32 денари за кубик.
За останатите потрошувачи, просечната цена е околу 54 денари за кубик. Поединечните цени на десет од 11 градови се движат од 42 до 68 денари, со исклучок на Тетово каде цената на водата за правните лица изнесува 25,5 денари за кубик. Најскапа вода за фирмите има во Скопје, 68,10 денари. Кога станува збор за потрошувачката на вода за пиење, просекот меѓу големите градови е околу 10 кубици месечно по домаќинство. Но, охриѓани просечно трошат по околу 6 кубици, додека тетовчани по повеќе од 13 кубици месечно. Просечната потрошувачка на вода за пиење во Скопје е нешто помалку од 9 кубици. Правните лица во големите градови, пак, просечно трошат дури 4,5 пати повеќе вода од домаќинствата, односно по 45 кубици месечно. Најмалку вода трошат фирмите во Тетово, по 15 кубици, а најмногу фирмите во Скопје, по 99 кубици месечно.