Премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање нагласи дека историските настани како Холокаустот не смеат да бидат заборавени, потенцирајќи ја важноста на едукацијата на младите за овие трагични случувања. Во Скопје беше одбележана 82-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во нацистичкиот логор на смртта Треблинка. Настанот, одржан пред Споменикот на 7 144 депортирани македонски Евреи во скопскиот „Монопол“, собра претставници на државниот врв, дипломатскиот кор, еврејската заедница и граѓанскиот сектор. Премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање нагласи дека историските настани како Холокаустот не смеат да бидат заборавени, потенцирајќи ја важноста на едукацијата на младите за овие трагични случувања. Тој изјави дека „нема да дозволиме историјата да се повтори“ и повика на борба против сите форми на нетолеранција и омраза.
„Нашата обврска денес е да не молчиме пред неправдата, да ја чуваме вистината и да се бориме против секоја форма на омраза и дискриминација. Македонија е земја на различности, а еврејската заедница, иако речиси уништена во Холокаустот, останува дел од нашата историја, култура и совест. Додека стоиме овде, да се заколнеме дека оваа трагедија никогаш нема да се заборави. Никогаш повеќе!“, рече премиерот Мицкоски. Настанот беше организиран во соработка со Еврејската заедница во Македонија, а учесниците оддадоа почит на над 7.000 македонски Евреи кои во март 1943 година биле депортирани во концентрациониот логор Треблинка, каде што речиси сите биле убиени. На оваа церемонија, меѓу другите, беа присутни и амабсадортката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер, како и заменик-амбасадорот на Обединетото Кралство, Даниел Филер. Во своите изјави, дипломатските претставници потенцираа дека остануваат посветени на борбата против антисемитизмот и зачувувањето на сеќавањето, со пораката дека „Никогаш повторно“ светот не смее да дозволи вакви злосторства. Извор: Новинска агенција МЕТА