Македонија ќе прифаќа од САД само депортирани македонски државјани кои таму престојувале нелегално, изјавија за „Слободен печат“ од македонското Министерство за надворешни работи по одлуката на Косово да прифати од Америка до 50 мигранти.
„Веднаш по доаѓањето на администрацијата на претседателот Трамп, беше испратено барање за прифаќање на македонски државјани кои престојуваат нелегално на територијата на САД, доколку таквиот статус биде утврден. Имајќи предвид дека станува збор за македонски државјани, Владата на Република Северна Македонија го прифати барањето за нивен прием во случај на депортација по тој основ“, велат од МНР. Според информациите оттаму, досега немало ниту едно барање за прифаќање на такви лица, македонски државјани. Претходно, косовската влада вчера одлучи да прифати од САД до 50 мигранти од трети земји во рок од една година, а мигрантите ќе престојувале во Косово „со цел да им се олесни безбедното враќање во нивната земја на потекло“.
„Владата на Косово одобри одлука за обезбедување привремена и непосредна заштита на 50 лица во рамките на соработката со САД. Лицата опфатени со оваа одлука за време на нивниот престој во Република Косово ќе постапуваат во согласност со важечките законски прописи и ќе ги уживаат правата дефинирани со важечките законски прописи“, соопшти Владата во Приштина. Премиерот Албин Курти рече дека изборот на мигранти ќе се направи од „предложен список“.
„Соединетите Американски Држави остануваат наш цврст сојузник, а Република Косово секогаш ќе биде нивен сигурен партнер. Вечно сме благодарни за помошта и континуираната соработка и високо ја цениме поддршката во областите на безбедноста и развојот, а особено на нашиот пат кон евроатлантска интеграција“, напиша Курти на Фејсбук.